Вчера Советот ја одржа својата 34 седница на која како точки беа поместени неколку кои се од значење и од јавен интерес. Прва би ја спомнал, на вчерашната седница се донесеоа измени и дополнувања на буџетот за 2023 година. Не дека беше неопходно да се прават такви измени и дополнувања, но мораше да се вклопат оние средства кои значат блок дотации за плати и надоместоци во основното и средното образование, библиотекарската дејност, детските градинки, старскиот дом и пожарната за зголемување на месечните примања на вработените во овие институции и со тоа мораше тие средства дојдени како зголемени во блок дотациите од централниот буџет да се вклопат во овој буџет за да може да се исплатат и преостанатите 2 плати за оваа 2023 година, истакна на денешната прес конференција претседателот на Совет на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
„Она што може да се забележи, а е негативен тренд е тоа што повеќе од 8 и пол милиони денари се скратени како директна инекција која стигнува од централниот буџет, односно основниот буџет на Општина Прилеп беше намален за 8 и пол милиони денари кои нема да се слеат оваа година од ставката за блок дотации од данокот на додадена вредност. Во централниот буџет се собрале помалку пари од данокот на додадена вредност и по нивната методологија на пресметување нашиот буџет се намалува за 8 и пол милиони денари кои ни беа пресметани со буџетот за 2023 година. Би ја искористил приликава да ве информирам и за следново што сметам дека е прашање за кое треба да ја информираме јавноста, а тоа е дека имавме очекуван прилив во Буџетот на Општина Прилеп од 15 милиони денари за концесиски услуги, давање и издавање на концесиски услуги, тие се 78% од она што го уплаќаат фирмите кои вршат ископ на минерални суровини. Истите требаше да стигнат на сметката на Општина Прилеп кон крајот на септември оваа година, но за жал заради, условно кажано, техничка грешка истите биле уплатени на сметката на Буџетот на Општина Ресен.
Тие 15 милиони денари за основниот буџет на Општина Прилеп ќе значеа исполнување на рамката од 75% собирање на приходи кои ни беа предвидени во буџетот за 2023 година и со тоа исполнување на условот за Буџетот да се зголеми за дополнителни 10%, односно 34.6 милиони денари. Со ваквата административна грешка, ние бевме спречени Буџетот да го надградиме за 34.6 милиони денари и со тоа директно се влијаеше и врз рентабилноста на Буџетот, но и она што значеше дополнителни проекти, добра ликвидност на буџетите на јавните претпријатија кои зависат од субвенционирање и плаќање на фактурите на локалната самоуправа за одржување на јавната прометна површина и за одржување на јавната чистота.
Јас лично не сакам да се сомневам дека ова е направено тенденциозно, но сите показатели ако логично ги разгледаме, да поминете филтри во 2 министерства и во трезор и 15 и пол милиони денари да завршат на друга сметка, тоа остава простор да суди јавност дека е нешто што е направено со тенденција, односно затоа што општина Прилеп е раководена од различна политичка опција од она што значи централна власт и дека ова е на некој начин да се потврди сликата која нереално ја прикажуваат дека локалната самоуправа во Прилеп ништо не работи.
И вчера имавме дискусија дека во јавноста се продава и се сее магла дека локалната самоуправа не работи. Во вакви услови какви што се и какви што ги имаме тоа е максимумот што може да се направи. А овие пречки што на дневна основа ги има во функционирањето и работењето локалната самоуправа се надевам дека ќе бидат отстранети во еден иден период во наредната година и дека нема да имаме вакви проблеми. Верувајте дека 34.6 милиони денари, повеќе од 500 илјади евра и тоа како значат во последните 2 месеци од годината за да се приврши годината.
Тоа значи уште подобри буџети после 2025 година, затоа што просекот се зема од претходните 3 години, значи при креирањето на буџетот за 2026 година, не знаеме како ќе биде и кој ќе ја раководи локалната самоуправа, тогаш и на таа следна гарнитура ќе и биде многу потешко функционирањето затоа што сега во 2023 креиравме таков буџет и во 2024 ќе креираме иден буџет кој се потпира на претходни 3 години. Значи се преклопуваат периодите на раководење на Општината и треба секој да биде свесен и совесен и колку што може максимум да се вложи затоа што не зависи тоа само за неговото портфолио, односно она што го ветил пред граѓаните, туку зависи и за иднината, за она што следува. Затоа сметам дека за ова треба да ја запознаеме јавноста и дека ова ќе има долгорочни репрекусии, што сега се прави заради набивање на некој дневнополитички поен, а на штета на сето тоа се само граѓаните и никој друг“, истакна Проданоски.