ВИДЕО – Катастрофална година за тутунопроизводството, тутун има само околу 14 мил. кг., тутунарите бараат повисоки цени


Сојузот на земјоделски здруженија истакна дека нема да дозволи да почне откупот на тутунот, ниту ќе ги пушти повереници на вагите се додека компаниите не ја зголемат откупната цена. Годинава е една од наслабите години за тутунопроизводството во Македонија, има само нешто повеќе од 13 милиони килограми, а откупувачите по договор побарауваат 26 милиони  килограми. Инаку веќе од 15 ноември претпријатијата може да откупуваат тутун, а според законот најдоцна до 15 декември треба да бидат отворени сите пунктови.

„Затоа ние побаруваме да се покачат цените за да го задржиме тутунопроизводстото и за наредна година. За да не дозволиме да ни избегаат и тие тутунари кои го саделе и оваа година и лани тутунот, да останат празни нивите, в година да имаме уште повеќе преполовен род. Ако се поткренат цените да го задржиме родот и да имаме едно рентабилно тутунопроизводсто“, истакна Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.

Лани просечна цена беше 290 денари. Годинава тутунарите бараат далеку поголеми цени од оваа. Велат дека доколку не се покачат цените в година производството ќе се намали за двојно од годинава затоа што никој нема да биде заинтересиран да го сади.

„И младиот кадар не можеме да го задржиме за тутунот бидејќи многу се ниски цените и класите на тутунот и затоа младиот кадар не сака да го работи. Ако остане ваква цената в година ќе имаме двојно помалку отколку што имаме оваа година“, рече Гоце Јончески, тутунопроизводител од с. Заполжани.

 

„Навистина ситуацијата со тутунот е алармантна,многу малку има тутун и ако цените не се корегираат мислам дека в година ќе биде катастрофално, тутунот полека ќе изумира“, вели Злате Даноски, претседател на тутунско здружение „Мице Козар“.

Утре во Скопје е најавена средба помеѓу тутунопроизводителите, откупните компании и Министерството за земјоделство токму за цените на тутунот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи