Крушево – лидер по посети од туристи за алтернативен, спортски и еколошки туризам

Околу 85% од вкупниот број туристи кои сакаат алтернативен, спортски, селски или еколошки туризам, го посетиле Крушево. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето направено на национален и локален репрезентативен примерок за Крушево во 2023 година. Главни причини за посета на Крушево се наведуваат рекреација (59%), одмор (27%), односно 21% поради одреден настан (случување). Останати причини поради кои домашните туристи го посетуваат Крушево (пријатели/фамилија, планинарење, за работа (службено), етно туризам, скијање и непланирана посета на поминување) учествуваат од 8% до 16%.

Една третина од испитаниците последен пат во Крушево биле пред 3 или повеќе од 3 години. Од останатите, 23% го посетиле Крушево во текот на оваа (2023) година, 21% во текот на претходната (2022) година и 15% пред 2 години. Само 5% одговориле дека не се сеќаваат кога го посетиле Крушево, односно посетата се случила многу одамна.

Според локалното население, 46% од посетителите се домашни туристи и 35% се странски туристи. Високи 95% од локалното население сметаат дека Крушево може да привлекува туристи преку целата година. Како месеци со најниска посетеност од туристите се есенските и зимските месеци (октомври, ноември, јануари и февруари) и рана пролет (во текот на март и април). Како главни причини за ниската посетеност според локалното население е недостигот на програма/настани што би привлекле туристи, слабата промоција на градот, стандардот на домашните туристи и квалитетот на сместувачките капацитети.

Локалното население мисли дека странските туристи најмногу доаѓаат за параглајдерство (90%) и планински туризам (41%), додека домашните туристи најмногу доаѓаат за планински туризам (70%), зимски туризам (67%) и посета на историски знаменитости (65%). Дополнително, според локалното население најголем број домашни туристи доаѓаат од Скопје, Прилеп и Битола (помеѓу 42%-79%), како и од Охрид, Велес, Струга и Куманово (11%-24%).

Главни атракции кои најчесто се посетуваат во Крушево од домашните туристи се Мечкин камен, Куќата на Тоше Проевски и Македониумот со 74% – 78%, соодветно. Со понизок процент на посетеност се црквата „Св. Никола“ во центарот на градот (46%), Крушевското езеро (37%), жичарата (33%), планинските и шумските патеки (33%) и скијачките патеки (25%).

Прва асоцијација за градот Крушево е Тоше Проевски (44%), потоа Илинденско востание (13%) и Мечкин Камен (11%). Сите останати асоцијации (Крушевска Република, природа и чист воздух, Црешово топче, Македониум, Скијање и планинарење, Параглајдерство и Крушевско Езеро) имаат учество пониско од 10%.

Дури 73% од испитаниците се согласуваат дека Крушево има потенцијал да биде (нај)позната туристичка дестинација во Република Македонија за алтернативен и еколошки туризам. Во врска со идната стратегија за остварување на целта Крушево да биде позната туристичка дестинација, домашните туристи и локалното население се согласуваат дека е потребна поголема реклама и промоција на градот, потоа поголем број културни, забавни и рекреативни содржини низ сите сезони и подобрување на инфраструктурата.

Истражувањето покажува дека 62% од локалното население смета дека Крушево не е соодветно промовирано и јавноста не е запознаена со градот како туристичка дестинација. Исто така и 74% од населението во државата (согласно националниот примерок) го делат истото размислување. За да се привлече вниманието за посета на Крушево, 87% од испитаниците од локалното население сметаат дека потребна е подобра комуникација за планинскиот туризам, параглајдерството (80%) и зимскиот туризам (72%).

Анализата посочува дека највисок процент или 48% од домашните туристи престојувале во приватен апартман/приватно сместување, додека 34% во хотел. Само 18% престојувале кај роднини/пријатели, додека 6% во сопствено сместување. На еднодневна посета биле 10% од испитаниците.

Од оние испитаници кои не го посетиле, највисок процент или 68% одговориле дека немале прилика да го посетат. Според 24% одговорот е „без особена причина“ и според 22% „не се наоѓа на попатна локација која што може да се посети при друго патување (да се застане по пат)“. Меѓу останатите причини се „немам информација кои активности/настани/случувања се достапни во Крушево“ со 15%, со ист процент е и одговорот „секогаш сме избирале други места во Македонија“, „генерално, нема што да се види во Крушево (слаба понуда)“ со 10%, „не стигнала информација до мене дека Крушево е добра локација за посета и алтернативен туризам“ со 9% и „Градот не ги задоволува моите очекувања (тоа што мене ми треба)“ со 3%.

Сумирано, може да се заклучи дека покрај главните причини, дополнително за 30% од испитаниците кои не го посетиле Крушево, причина претставува недоволна информираност, додека за 13% причина е слабата и недоволна понуда. Истражувањето покажува дека високи 92% од испитаниците (од националниот примерок) ќе го посетат Крушево доколку има посебна промоција и понуда.

По овој највисок балкански град (Крушево) кои го посетиле 85% од испитаниците, следуваат Маврово со 69% и Берово со 51% посетеност од страна на домашните туристи. Сите останати локации вклучително Пелистер, Шар Планина, Преспански регион, Пониква, Лазарополе, Осоговски регион, Пехчево и Овче Поле се со пониска посетеност (под 50%). Како најчеста причина за посета на овие места се идентификува потребата за рекреација (74%) и/или класичен одмор (38%). Останатите причини кои се вбројуваат, но имаат учество пониско од 30% се посета на пријатели/фамилија, посета на настан (случувања), гастрономски туризам, планинарење, работа (службено), скијање, етно туризам и непланирано на поминување.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи