Бислимовски: На сметките за струја ќе има нова ставка – Пристап до мрежа

Новата цена на струјата се „крчка“, а веќе наредната недела ќе биде соопштена од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, за „Независен“ открива дека во сметките се подготвува нова ставка, Пристап до мрежа, која  ќе биде покрај постојната за мрежарина. Но, како што уверува, тоа нема да ги зголеми сметките, или тоа ќе биде незначително, но истовремено ќе придонесе да се направи правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици.

„Има голем број домаќинства каде што нема потрошувачка, или кои што поставија фотоволтаици. Значи, мрежата се одржува во текот на целата година. Фиксните трошоци сега ги плаќат само домаќинствата кои што ја користат мрежата рамномерно, секој месец во годината. Оние кои ја користат две – три недели во годината не плаќаат ништо. И тоа не е фер, не е правично. Плус, сега има домаќинства кои што поставуваат фотоволтаици. Тоа вообичаено се побогати категории на граѓани. Кога ќе го постави фотоволтаикот, нему ќе му се намали потрошувачката и тоа го создава овој ефект кој што ви го кажав. Поради тоа и кај домаќинствата ќе се воведе Пристап кон мрежа, но за сметка на тоа ќе се намали мрежарината. Значи, не може некое домаќинство коешто не поставило фотоволтаик да плаќа за домаќинство коешто поставило фотоволтаик. Мора да зборуваме за социјална правда и за правичност. И тоа ќе го спроведеме“, вели Бислимовски.

Според првиот човек на Регулаторна, со оваа давачка нема да бидат оштетени домаќинствата бидејќи тие што активно користеле струја ќе имале корист.

„Просечната цена за мрежарина останува иста. Овој пристап кон мрежа кај домаќинствата ќе биде минимален, три-четири евра и тој ќе се плаќа месечно. Но, за сметка на тоа ќе се намали мрежарината. Просечната цена за мрежа ќе биде иста. Не станува збор за давачка доколку се направи промена на тарифниот систем за поправично собирање на парите од потрошувачите. Не може некој којшто не може да постави фотоволтаик да плаќа за некој што поставил. Никој нема да биде оштетен, само правиме поправична распределба. Јас имам викендичка во Галичник, кога ќе отидам вклучувам и имам струја. Во годината трошам 400 киловат-часови. Но, не учествувам со ништо за одржувањето во текот на годината. Со минимален пристап кон мрежа, како трошок, ќе имаме правична распределба и јас ќе учествувам заедно со домаќинствата кои што плаќаат редовно. За сметка на тоа, за да не се разбере погрешно, ќе се намали трошокот за мрежарина. Значи тие активно што користат ќе имаат корист од тоа“, додава Бислимовски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи