Во Прилеп се одржа традиционалниот четворомеч во гол бол или рол бол игра за која можеби ретко кој слушнал, а е наменета за слепи и слабовидни лица. Во спортската сала се обележува посебен дел со должина од 18 метри, а голот има пречник од 9 метри. Екипата е составена од тројца играчи, кои носат специјални наочари, за да не гледаат ништо оние кои се слабовидни, а се дел од натпреварот. Топката која е тешка 1,7 кг. е полна со ѕвончиња според чиј звук играчите се ориентираат каде истата се движи.
„Тројца играчи од една страна и тројца играчи од друга страна, се фрла топката и секој сака да постигне гол. Тројцата играчи бранат од една страна и тројцата исто браната и од другата страна“, истакна Благој Мишовски, претседател на здружение на слепи на град Прилеп.
„Одржуваме и државно првенство, куп на Македонија, првите 4 најдобри и секоја година се одржува низ повеќе градови во Македонија“, додаде Димче Колароски , член на тимот од Прилеп, кој живее во Крушево.
Овие четворомечеви се одржувале кај нас веќе 20 години. Натпреварот се одвиваше помеѓу екипите на Прилеп, Битола, Кавадарци и Скопје. Во Македонија имало околу 14 вакви здруженија, но активни клубови кои се занимаваат со гол бол биле 6. За поголем развој на овој спорт потребни биле повеќе вложувања и специјални спортски сали.
„За овој настан се потребни многу финансиски средства, не само во опрема. Исто така треба нашите деца, еве сега се екипирани за репрезентација, а ги има 12 млади од цела држава, тие треба да одржуваат повеќе тренинзи, но за сето тоа ни е потребна спортска сала, одобренија, исто така имаме и селектор за репрезентацијата во гол бол и сакаме и ние да напредуваме како другите држави“, изјави Богоја Јошев, претседател на спортска федерација на слепи на Македонија.
Покровител на овој натревар денеска беше основното училиште „Кире Гаврилоски – Јане“ од Прилеп.
„Од страна на организација ние ја обезбедивме целосната логистика за да се организира еден ваков настан, го обезбедивме просторот каде се одвива овој натпревар, маици и дресови за сите учесници, вода и освежителни пијалоци, а потоа ќе има еден скромен ручек за сите. Овој настан има посебно значење за мене затоа што се ретки вакви натпревари и во нашиот град и на ниво на Македонија“, потенцираше Влатко Кузманоски, директор на ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“
Слепите лица имаат и репрезентација во гол бол која што ја претставува Македонија на меѓународните натпревари.