Откупните компании денеска не го откупуваа тутунот иако дел од тутунарите сакаа да го предадат и по ланските цени. Со овие обвинувања денеска излегоа повеќе Здруженија на тутунари, како и Асоцијацијата на земјоделци и фармери на Македонија кои обвинија дека со ова се крши законот и запрашаа зошто нема реакции од Државниот земјоделски инспекторат или Министерството за земјоделство. Побараа одговор кој наредил да не се откупува тутун.
„Некаде се носи тутун, а некаде не, но и тој што се носи не им го откупуваат со образложение дека наредиле да не го откупуваат. Во овој момент ги прашувам надлежните, Министерството, нека кажат зошто не се купува тутунот и по која цена ќе го купуваат? Еве јас лично како претседател на „Мице Козар“ денеска 17 картони тутун однесов, не ми го откупуваа ни Секе, ни Кавадарци, со образложение дека им рекле да не откупуваат тутун“, вели Злате Даноски, претседател на здружение на тутунари „Мице Козар“ од Прилеп.
Тутунарите велат дека остануваат на барањето за покачување на цените, но дел од земјоделците кои имале разни долгови биле приморани да го дадат тутунот и по старите цени иако не се согласувале со нив. Кога ќе се постигнела новата цена, бараат да му се доплателе предадените количини. Здруженијата се пожалија и дека немаат пари да ги поверниците кои чинелеи пчо 5.000 евра дневно.
„Од што ќе ги платиме поверениците ако од денеска не се откупува ни грам тутун, ниту некни, ниту денес“, кажа Муса Ибраимоски, претседател на здружение „Златен лист“ од Општина Долнени.
„Моменталната состојба е многу тешка, луѓето го носат и го враќаат назад, ме интересира зошто фирмите не откупуваат по старата цена?“, додаде Гоце Јончески, здружение на тутунари „Мице Козар“ од Прилеп.
Од Асоцијацијата на земјоделци на Македонија побараа итно зголемување на ланските цени и итно започнување со откупот на тутун.
„Инспекторатот за земјоделие е должен да го утврди ова што ние го кажуваме, но ако е денес на терен ќе утврди дека откуп денес не се врши, откупувачите не сакаат да го откупуваат тутунот“, изјави Перо Стојкоски, Асоцијација на земјоделци и фармери на Македонија.
Од Државниот земјоделски инспекторат велат дека до сега кај нив никој не пријавил никакви неправилности во откупот на тутун и дека ќе ја испитаат оваа ситуација.