Македонското еколошко друштво (МЕД) објави дека лоцирало нова женка рис, која била пронајдена во кафез-стапица поставен пред само три дена. Рисицата по име Луна беше лоцирана на планината Буковиќ во близина на Стража.
„Среќна вест! Тимот на МЕД минатата ноќ лоцира нов женка рис, и тоа во кафез-замката што беше направена минатата недела, а поставена пред три дена. Женката рис Луна пред само неколку часа беше лоцирана на планината Буковиќ, во близина на Стража. Тешка е 16 килограми и е во одлична здравствена состојба. “, објави МЕД на својата страница на Фејсбук.
Пред да биде пуштена, Луна беше прегледана и „обележана“ со околувратник, со што отсега ќе може да се следи нејзиното движење во природа.
Балканскиот рис е национален симбол на Македонија и се наоѓа на монетата од пет денари. Рисот се смета за најголема мачка на континентот. Балканскиот рис е на работ на истребување и се проценува дека има останато околу 100-ина единки. ,