Приватните специјализанти бараат плата од 40 илјади денари и трајно вработување

Facebook
Twitter
Email
Print

Од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) го поздравуваат најавеното линеарно покачување за 5 отсто за сите здравствени работници и соработници за март 2024 година и веруваат дека ваквиот тренд мора да продолжи.

Од ЗЛС велат дека група од над 300 лекари – приватни специјализанти секојдневно работат со нивните колеги за само 26.000 денари, сума која е многу близу до минималната плата.

„Ниедно покачување до сега не ја опфати оваа група на лекари кои сè уште немаат ниту пензиско осигурување и сите најави за трансформација на нивниот работен однос пропаднаа, со што оваа група на лекари беше повторно изиграна од Министерството за здравство. Бараме итно покачување на надоместокот на приватните специјализанти согласно просечната плата во Македонија во износ на 39.998 денари и трајно решавање на статусот на вработување на овие лекари согласно многубројните ветувања до сега“, се вели во реакцијата на ЗЛС.

Во реакцијата се вели дека приватните специјализанти се разочарани од третманот на Министерството за здравство.

„Приватните специјализанти се столбот на здравствениот систем, придонесувајќи значително за грижата за пациентите и медицинските услуги. Месечниот надоместок од 26 илјади денари којшто го добиваме како специјализанти, кој има за цел да ја признае нашата стручност и посветеност, не може да ги покрие дури ни основните животни трошоци, бидејќи не задоволува ни половина од потрошувачката кошничка во државава. Тоа значи дека нашиот живот е сведен на минимум, притоа сме оставени и без соодветно здравствено осигурување. Во изминатиов период неколку пати се зголемија платите на здравствениот персонал, повторно е најавено зголемување на платите од март, а ние приватните специјализанти сме постојано исклучени од покачувањата на платите на здравствениот персонал. И ние приватните специјализанти сме составен дел од здравствениот систем, но со третманот којшто го добиваме се чувствуваме исклучени од истиот“, реагираат приватните специјализанти.

Во моментов во Клиничкиот центар Мајка Тереза има повеќе од 270 приватни специјализанти кои редовно држат смени, амбуланти, дежурства и макотрпно ги извршуваат своите обврски како специјализанти. Тие бараат Министерството за здравство да им го реши статусот и да им ги покачи платите, а во спротивно велат дека ќе бидат приморани да престанат да извршуваат обврски на Клиниките.

„Ја изразуваме нашата загриженост и бараме итно покачување на платите и решавање на нашиот статус. Во моментов се водиме како невработени лица, со договор на дело, без ниту еден ден стаж во тек на 6 години специјализација. Бараме плата која ќе биде на ниво на доктор по општа медицина во ЈЗУ Клинички центар“, се вели во дописот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи