Над еден милион евра државни пари се поделени како социјална помош на лица кои не ги исполнувале условите оти на свое име имале возило, покажаа првичните анализи во Министерството за труд и социјална политика. Социјални работници за „Макфакс“, неофицијално, велат дека сумата ќе расте оти се уште во пресметката не се опфатени сите центри за социјална работа.
„Во незаконски исплати предничат Гостивар и Прилеп. Таму незаконски се исплатени најмногу пари. И сумата за Скопје, ако се соберат сите општини, не е мала, но Гостивар и Прилеп се на врвот на листата по незаконски исплати доколку се земе предвид бројот на жители и поделените пари како помош од државата“, неофицијално брифираат социјалните работници.
Техничкиот министер за труд и социјала Ѓоко Велковски, иако најави дека на 5 април ќе биде извесно колку пари се проневерени оти ќе се исплаќа социјалната помош , бројки не соопшти. Од неговиот кабинет најавуваат дека првични податоци ќе бидат објавени следната недела.
„Се уште се работи на собирање на сумите по исплатата на социјалната помош месецов. Следната недела пред јавноста ќе ги презентираме наодите“, велат од кабинетот на техничкиот министер.
Најпрецизно, пак, ќе се знае колкава е проневерата во Министерството за труд и социјала за два месеци кога техничкиот министер Велковски очекува да завршат рачните проверки на секое барање за социјална помош во сите центри за социјална работа низ државата.
На почетокот на минатиот месец техничкиот министер Велковски обвини за милионски криминал со социјалната помош откога првпат во Министерство направија електронско вкрстување на податоците со Министерството за внатрешни работи и открија дека 2.252 лица кои примиле социјална помош имале возило на свое име, иако еден од условите е да немаат возило.