Денеска од Струмица Д-р Венко Филипче, носител на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина порача дека СДСМ ќе внесе нова економска енергија за европски раст и стандард на граѓаните и бизнис секторот.
„Најуспешни се оние земји во кои се создаваат бизниси, каде што има претприемачка идеја и средина која го поттикнува нивниот развој. Затоа ќе ги охрабриме ентузијастите својата идеја да ја преточат во реалност да отворат свој сопствен бизнис. Во новиот мандат СДСМ предвидува 180 милиони евра директна финансиска поддршка за бизнис секторот, нови вработувања и историски најниски 7% невработеност“, порача Филипче.
Локалната економија и малите бизниси се важен сегмент, истакна Филипче, по што потсети дека изминатите седум години мандат СДСМ градеше стратегијата за развој на домашната економија.
„Како и досега ќе продолжиме со креирање на политики кои ќе го поттикнуваат бизнисот и економскиот развој преку транспарентно и отчетно однесување со секој денар на граѓаните“, истакна Филипче.
Тој порача дека покрај локалните бизниси сепак енергетските компании го имаат клучниот удел во економскиот раст затоа, СДСМ државните енергетски капацитети ќе ги предаде во рацете на граѓаните.
„Планираме енергетските компании да ги вратиме кај граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и деца, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство. Така контролата за работењето на енергетските компании ќе биде во рацете на граѓаните“, рече Филипче.