Условно осудени тепачите во МНАВ – не била загрозена безбедноста

Facebook
Twitter
Email
Print

Седум лица се условно осудени за упадот во просториите на М-НАВ на 4 јануари годинава, што се случи по прес-конференција на Струковиот синдикат на контролори на летање кој алармираше за неправилности на оглас за вработувања во оваа институција.

Според пресудата што денеска ја објави Основниот кривичен суд Скопје,овие седум лица се обвинети како соизвршители на кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејство. На шестмина им е изречена условна осуда, казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година и шест месеци по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

За еден обвинет, кој и бил претходно осудуван за дело против општата сигурност, изречена е казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

„Во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални искази од вработени лица во М-НАВ како сведоци на настанот и од оштетеното службено лице, како и извештаи за безбедноста на авиосообраќајот во критичниот момент од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од меѓународната агенција Еуроконтрол. Овие докази не посочуваат дека во времето на извршување на дејствијата на обвинетите имало опасност и била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај и од тие причини не опстојува кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од Кривичниот законик за што беше поведена истрага“, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.

За осмиот осомничен опфатен со првичната истрага постапката е запрена бидејќи тој не учествувал во дејствата на спречување на службеното лице во вршењето на работите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи