Рекордни 268 препишувачи на државната матура – просечната оцена пониска во споредба со претходните

Facebook
Twitter
Email
Print

Просечната оценка на државната матура е 3,25, најниска во изминативе години, а на 268 ученици им било поништен тестот, кажаа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Билјана Михајловска.

Презентирајќи ги резултатите од матурата во јунскиот рок, Михајловска кажа дека споредбено со минатите години, просечната оценка е пониска, но вели, овие резултатите се најобектини досега, бидејќи за првпат државната матура се полагаше во школски сали и холови. Лани оценката била 3,65, во 2022 била 3,78  и 3,61 во 2021 година.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска најави дека од следната година, за да се подобри процесот на спроведување на матура, ќе почнат преговори со ДИЦ и универзитетите да се полага во амфитеатри.

„Спроведувањето во поголеми простори даде резултати, па затоа ќе почнеме преговори да ни ослободат простори, за да може да се спроведува матурата. Срам ми е дека ќе мора да постапиме блокатори, но тоа е неопходно за доброто и за иднината на учениците. Мене ми е јасно дека ниту за 8 дена, ниту за осум месеци нема да се смени менталитетот на народот. Во странство е срамота 1 ученик од 14 милиони да препишува, а не од 14 илјади како кај нас. Но мора тоа да го воведеме, за да не му падне на памет на ниту еден ученик да препишува, ниту на еден тестатор да замижува“, изјави Јаневска.

За препишувачите и оние кои дозволиле да се препишува Јаневска вели дека нема законска одредба со која можат да бидат санкционирани, па затоа работат на законските измени со кои ќе бидат предвидени одговорностите за оние кои препишувале и оние кои дозволиле препишување.

„Мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите они ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти и жаргонски кажано – замижуваат пред некоректни активности од страна на учениците“, рече министерката.

Вкупно 14.834 пријавени кандидати на 1 јуни полагаа задолжителен екстерен испит по мајчин јазик, а на 8 јуни се полагаше изборниот предмет. Откриени се 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека четворица ученици се фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. Оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици им е поништен испитот. Тие повторно ќе можат да полагаат во август.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи