Има доста критики и коментари по социјални медиуми најчесто за гостите кои сме ги поканиле да бидат како музички артисти на овој настан, зошто немало македонски артисти и дека тоа било чин на непатриотизам и дека требало парите да ги дадеме на деца без родители, на некои ранливи групи на граѓани итн. Прво ние славиме роденден 100 години Прилепска пиварница, кој се слави еднаш во 100 години и тој роденден сакаме да го прославиме со сите наши сограѓани, тоа беше нашата цел и политика, а донациите и помошта на ранливите категории на луѓе ниту некогаш биле тема на муабет, ниту се поставувале прашање дали, туку секогаш сме излегувале во пресрет на сите оние на кои им е потребна помош и така планираме и да продолжиме. Со овој роденден Прилепска пиварница не престанува да постои, па сега сите пари од прославата да се дадат на овие ранливи групи на граѓани. Така да, да не мешаме баби и жаби, истакна на денешната прес конференција Сашо Самарџиоски, генерален директор на Прилепска Пиварница.
„Во врска со артистите кои се поканети на овој настан, сакам да кажам дека Прилепска пиварница отсекогаш била компанија која ги поддржувала македонските пејачи, артисти, групи, преку спонзорства, донации, ангажмани во наши проекти, тв спотови, концерти и секаде каде имало потреба. Скоро да нема некое звучно име од македонската музичка естрада кое некогаш не било поддржано со наше спонзорство или донација за нивни настапи, концерти и спотови. Нема да најдете ниту еден од нив, или се многу ретки, кој не бил поддржан. Впрочем и овој настан не знам зошто сите ги занемаруваат ДНК, нели е тоа македонска група? Зошто се однесуваат сите како да се поголеми патриоти од нас? Не разговарам за различните вкусови на музика, тоа е личен избор на секој на кој му одговара некој музички стил, го слуша или не го слуша и за тоа нема коментари.
Меѓутоа да се премине таа граница на критика и да се влези во некои други води и да се критикува за непатриотизам, сакам да им кажам на сите дека ако правиме муабет за патриотизам, за мене лично патриотизам не е човек кој се чука по гради и кажува дека ја сака својата држава, а еден денар нема дадено ниту за државата, за некое општествено добро, ниту пак на некој граѓанин му помогнал во животот.
Не можат да не обвинат нас за непатриотизам, кога секоја година како компанија инвестираме од 150 до 250 илјади евра годишно во спонзорства, донации и помош на лица, проекти, настани кои од општествен интерес на оваа држава, а најмногу во овој град. Нема да најдете ниту еден настан што се одржува во нашиот град, од било каков карактер, уметност, спорт, култура, забава, кој не е поддржан од Прилепска пиварница. Кажете ми еден единствен настан кој е релевантен за градот, а кој не е досега спонзориран од нас, нема такви. Дополнително уште многу други проекти и лица се поддржани од наша страна, било да се работи за наука, образование, медицина, верски објекти, болни лица или деца без родители.
Нема да звучам скромно и да кажам дека Прилепска пиварница како компанија е една од најголемите, ако не и најголем поддржувач и донатор на сите активности во градот, нема да најдете компанија што повеќе во сите овие години донирала и финансирала проекти во овој град. За мене тоа е патриотизам, патриотизам е што вработуваме 270 луѓе кои секогаш се редовно платени за својот труд и плус наградени. Патриотизам е што во буџетот на оваа држава Прилепска пиварница уплаќа секоја година по 14 милиони евра годишно од чии пари се финансира и градот и сите институции во него. Патриотизам е кога за време на криза, како ковид кризата, бевме првите кои дониравме на цел персонал во нашата болница, на лични сметки на сите вработени, од шофер, до сестри и доктори, финансиски средства за мала сатисфакција за жртвите кои ги поднесоа во тој период и бевме први од компаниите кои помогнаа при инсталација на кислородната станица во болницата. И уште неброени и неброени проекти каде сме излегле во пресрет за потребите на градот.
Не сме компанија која е регистрирана на некој остров или некој држава која е даночен рај, па така да ги избегнуваме нашите обврски према државата и према заедницата во која живееме. И да бидеме обвинети за патриотизам од некои кои 2 денари не дале за оваа држава и народот кој живее тука мислам дека е во крајна мера безобразлук и злоба“, истакна Самарџиоски.