Едно лице убиено во пукање кај Мавровка – приведени двајца од напаѓачите

Facebook
Twitter
Email
Print

Едно лице е убиено утрово при пукање на паркингот кај Мавровка во Скопје. Очевидци велат дека напаѓачите пукале во жртвата, дека од неговиот автомобил одзеле повеќе предмети, меѓу кои и лаптоп-компјутер, а потоа побегнале.

Според МВР, тројца напаѓачи учествувале во денешната престрелка кај ТЦ „Мавровка“, од кои двајца веќе се приведени.

„Денеска (20.08.2024) во СВР Скопје било пријавено кривично дело убиство на паркинг простор пред трговски центар ‘Мавровка’ во Скопје, при што со огнено оружје е застрелано едно лице и починало на местото. Од страна на полицијата веднаш се преземени оперативно-тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови. Имено, на подрачјето на Општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице, а на полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање“, соопшти МВР.

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот што следува во некои делови од град Скопје ќе има зголемено полициско присуство со цел целосно расчистување на случајот .

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи