Левица: Договорот со „Бехтел и Енка“ останува тајна – ДПМНЕ го погази ветувањето за декласификација

Facebook
Twitter
Email
Print

Министерот за транспорт Александар Николоски на 26 јуни 2024 упати ветување до јавноста дека ќе го декласифицира договорот со „Бехтел и Енка“. По само две недели изјави дека тоа нема да се случи. Како политичка партија која се залага за транспарентност и одговорно управување со државните ресурси, Левица изразува длабока загриженост поради договорот со „Бехтел и Енка“ кој е финансиран со пари на граѓаните, а останува класифициран како државна тајна, се вели во денешното соопштение од партијата.

„Оваа влада, со своето прикривање на клучни информации од јавноста, покажува дека се обидува да спроведе проект кој потенцијално може да има огромни негативни последици по државниот буџет и економската стабилност на Република Македонија.

Го прашуваме министерот Николоски: Зошто продолжува да спроведува таен договор со приватен субјект, а финансиран со народни пари?  Што е толку скандалозно и шокантно во договорот меѓу државата и приватна градежна компанија? За што се до сега издвоени 240 милиони евра народни пари? Какви други натамошни обврски презела државата кон приватниот субјект за кој граѓаните не треба да знаат?  Дали прифаќањето на одредби кои можеби содржат криминални компоненти, нема да бидат кривично гонети? И на крајот, дали власта во држењето на овој договор во тајност штити од кривичен прогон одредени личности од минатата владејачка гарнитура, воедно и создава терен и за слични вакви идни постапки?

Граѓаните на Прилеп секојдневно протестираат против овој договор, изразувајќи го својот оправдан револт и загриженост. Ова е јасен сигнал дека јавноста бара актуелната Влада да опстои на своите ветувања дека ќе биде транспарентна и одговорна. Граѓаните не се подготвени да дозволат нивните имоти и животна средина да бидат загрозени преку сомнителни договори.

Левица бара министерот Николоски да го одржи ветувањето, односно веднаш да се декласифицира договорот и сите услови од договорот да бидат јавно објавени! Само со целосна транспарентност можеме да спречиме потенцијални злоупотреби и штетни договори кои ќе ја чинат државата милионски суми.

Дополнително, го повикуваме Основното јавно обвинителство да започне соодветна истрага во врска со овој договор, како што беше ветено од министерот Николоски. Владата мора да е свесна дека одговорноста за држење на овој договор како таен, сега е нејзина.

Остануваме на страната на граѓаните и нема да дозволи државните интереси да бидат жртвувани поради нечиј личен или политички профит. Ќе се бориме за целосно разоткривање на сите детали од овој договор и ќе направиме сè што е во наша моќ за да спречиме штетни проекти кои можат да имаат катастрофални последици за нашата земја.

Време е власта да покаже дека нема што да крие и да го објави договорот со „Бехтел и Енка!. Граѓаните заслужуваат одговори, а не прикривање и молк, затоа што на крајот, тие ја плаќаат цената“, стои во соопштението.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи