Во средината на месец март промовиравме почеток на градежни активности на повеќе проекти, во 4 населени места на територијата на општина Демир Хисар. Дел од проектите се целосно завршени, а дел се во тек, вредноста е околу 600.000 евра, истакна градоначалникот Никола Најдовски, во изјава за Инфо Компас, околу градежните активности кои се во тек во општината.
„Целосна реконструкција е извршена на 2 улици во населеното место Сопотница, реконструирана е главната улица во населеното место Прибилци, како и една споредна улица, изградени се 2 улици во населеното место Вардино и посебно ми е мило што можам да кажам дека повеќедецениското барање на жителите на Вардино за изградба на пат до манастирот Свети Константин и Елена е веќе завршено.
Се работи и тука во Демир Хисар, можете да забележите еден прекрасен проект каде се гради нова пешачка патека по целата должина на улица Битолска, која преставува исто така повеќедецениско барање на жителите на Демир Хисар, со што значително се подобрува и зголемува безбедноста на пешаците пред се, но исто така централното градско подрачје добива и еден убав, нов, урбан изглед. Се работи и во градскиот парк, односно имаме проект за целосна реконструкција на градскиот парк, работите ќе се интензивираат во следниот период, со што демирхисарци ќе добијат уште едно прекрасно место за релаксација.
Морам да најавам и почеток на градежни активности за многу скоро за целосна реконструкција и изградба на тротоари по целата должина на улицата Маршал Тито и дел од улицата Велко Влаховиќ во Демир Хисар, а мора да се напомене дека после повикот во месец септември од страна на Министерството за локална самоуправа, Општина Демир Хисар ќе конкурира со 3 проекти. Повторно инфраструктура, градба и реконструкција на улици во населените места Белче и Единаковци, и еден многу добар проект, спортски комплекс кој ќе содржи тениско игралиште и баскет игралиште, лоциран на градскиот стадион во Демир Хисар.
Мислам дека треба да ја искористам оваа прилика и да се заблагодарам на сите мои соработници, да се заблагодарам на општинската администрација, на Советот на Општина Демир Хисар и секако на партнерите од централната власт, мора да ги споменам Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, Министерството за транспорт и врски, Владата на Република Македонија и на сите останати кои придонесуваат граѓаните на Демир Хисар да добијат подобри услови за живеење и самиот град да го направиме поатрактивно и подобро место за живеење“, истакна Најдовски.