Новата четиригодишна програма за соработка, што денеска ја потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска и министерот за образование, наука и млади на Хрватска Радован Фукс, ги прави националните образовни системи подостапни за граѓаните на двете земји. Македонските студенти во Хрватска ќе плаќаат иста школарина како и домашните студенти, а истото ќе важи и за хрватските студенти во Македонија.
Во областа на основното и средното образование, учениците државјани на едната држава имаат право да се школуваат во другата држава под условите што таму важат. Со новата спогодба се унапредува изучувањето на македонскиот, односно хрватскиот јазик со дополнителни стипендии и продолжува доделувањето стипендии за напредни студии на високообразовни установи во двете земји.
Билатералната соработка предвидува поттикнување на размената на искуства за достигнување на високите европски образовни стандарди и овозможува поддршка во рамки на различните програми на Европската Унија и регионалната програма CEEPUS. Договорена е поддршка за зачувување на јазикот и културата на двата народи.