Не само од затворот „Идризово“, од каде избегал во април годинава, осомничениот за убиството на бизнисменот што се случи на 20 август кај трговскиот центар „Мавровка“, бил бегалец и од затворот во Прилеп. Ова може да се заклучи од последната јавно објавена пресуда против осомничениот Елвин Куртовиќ, пренесува Фокус.
Последното кривично дело за кое тој бил првостепено осуден во мај 2023 година било за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, за што добил една година и шест месеци затвор.
Тој е прогласен за виновен бидејќи во месец март 2022 година, во домот, кој не бил негов, а таму престојувал привремено, неовластено држел огнено оружје и муниција марка , кои му биле најдени додека полицијата правела претрес во неговиот привремен дом.
Од она што може да се сфати од пресудата, Куртовиќ бил фатен со пиштолот, во 2022 година, а тогаш требало да биде во затворот во Прилеп.
Всушност, во пресудата пишува дека Кривичниот суд веќе двапати го имал осудено за две кривични дела, конкретно за тешка кражба и разбојничка кражба.
Судот му ги споил двете казни и тогаш бил осуден на единствена казна затвор во траење од 10 години и четири месеци, казна, која, според пресудата, ја издржувал во затворот во Прилеп од 2018 година.
Од сево ова може да се заклучи дека Куртовиќ, кога бил фатен со пиштолот, веќе бил осуден на казна од повеќе од десет години затвор, но во пресудата нема објаснување дали по четири години, тој веќе почнал да користи слободни викенди и како се нашол надвор од затворот во Прилеп, каде што требало да биде.