Од 28 септември ќе започне да се применува Законот за нефер трговски практики со кој ќе се регулираат односите помеѓу добавувачите и производителите со трговците и во овој закон се дефинирани сите работи во однос на рабатот и маркетингот кој сега го наложуваат маркетите, а кој нема да смее да изнесува повеќе од 10%. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 2.540 земјоделски и прехрамбени производи.
„Има можност во законот во одредени месеци кога има зголемена побарувачка или акција на одредени производи процентот да биде над 10%, а вкупниот просек на годината не треба да го надминува овој процент. Мислам дека процентите на самиот рабат беа 30 па и 40% по одредени производи, а сето тоа се одразуваше на самата цена на производите кои се продаваат во маркетите, односно удираа по џебот на граѓаните“, истакна Марјан Ристески, заменик министер за економија.
Ова регулатива е донесена за прв пат во ЕУ во 2019 година на иницијатива на земјделците и производителите кои се соочувале со големи надоместоци од страна на трговците кои пак ја покачувале цената на производите.
„Особено поддржувајќи ги организациите на земјоделци, на производители, здруженијата и асоцијациите послободно да можат да ги пласираат свооите производи на домашниот пазар не стегајќи се дека тие високи надоместоци кои во изминатиов период се пресметувале и понатаму ќе бидат случај“, изјави Билјана Додевска, државен советник во министерството за економија и труд.
Законот се носи во координација со бизнис секторот кој е задоволен од овој закон.
„Велат дека со овој закон ќе се воведи некоја поголема предвидливост во делот на планирањето на средствата и има можност на тој начин самите производители да ги регулираат цените, односно да имаат можност да ги намалт дел од продажните цени, но тоа е начелно откако ќе се започне со имплементација на законот ќе видиме како ќе оди така ќе се однесуваат и добавувачите“, потенцираше Никола Мариноски, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.
По имплементацијата овој закон ќе има 6 месеци на адаптација.