ВИДЕО – Македонија не е подготвена за целосна инклузија на децата со посебни образовни потреби – стручните лица бараат нови реформи


Инклузија да, но не по секоја цена и не вака наметнато како што се прави. За жал овој процес кај нас наместо од темелите започна да се гради од кровот, а сето на штета на дел од овие деца. Ова е ставот на голем дел на експерти, наставници, образовни асистенти и на родители на деца со посебни образовни потреби. Наташа Јовеска од Прилеп е родител на дете со посебни образвни потреби, воедно таа е и образовен асистент, а по професија одделенски наставник. Нејзиното дете учи во редовните паралелки ООУ „Климент Охридски“ во овој град и таа е презадоволна од третманот кое тоа го добива и од учениците и од наставниците. Но и сама вели дека инклузијата можеби треба да претрпи одредени реформи.

Инклузија да, еве на пример детето јас каде што сум образовен асистент седи 6 часа, социјализирано е, насмеано е, насмеани се родителите, ова е многу болна тема за родителите, и приватно и професионално зборувам, меѓутоа има дечиња кои навистина тоа можеби им е потешко, па затоа можеби би требало дел од наставата или цела настава да ја следат во Центрите за поддршка или Ресурсните центри. Да се разработи убаво нештото, инклузија да, но да се запрашаме малку како треба да бидат работите, дали треба пример дел од децата дел од таа програма, дел од наставата или цела настава да ја следат во Центрите, тоа убаво да се разработи од тој што е стручен да го сработи нештото, да се разгледаат убаво работите, за да биде успешно нештото, ако сакаме правилно да го насочиме нештото, а не само да речиме инклузија“, вели Наташа Јовеска, родител на дете со посебни образовни потреби и образовен асистент.

И експерите и стручните лица велат дека нашите училишта пред се се уште се соочуваат со архитектонски бариери, децата не може да стигнат до одредени простории, кабинети и училници во училиштата. Образовните асистенти ако отсуствуваат по било која причина, нема кој да ги зaмени, наставниот кадар не е доволно едуциран да работи со заков вид на деца.

Да се направи прво пристап до сите училишта, да имаме пристапни рампи, да направиме лифтови во училиштата, да се обезбедат дидактички материјали и да се направи обука на наставниот кадар и стручната служба како тие асистивни дидактички материјали можат да ги искористат. Стратегии  за работа, значи наставниците да добијат упатства конкретно за кој тип на попреченост кои стратегии би ги користеле во самата настава, за утре да не се најдат затекнати во реализирање на воспитно образовниот процес, да направиме една сензибилизација со учениците, на нивните родители и дури тогаш требаше да ги пуштиме децата во редовно образование и да очекуваме една позитивна слика. За жал, сликата на денешната инклузија од ставовите на самите наставници, стручните служби, родителите е многу негативна, бидејќи секој ден се соочуваат родителите со проблеми, нема пристапна рампа, детето треба да го носи во раце за да го однеси на училиште, детето нема пристап до фискултурна сала, значи на некој начин е дискриминирано. Или часови по физичко ќе бидат организирани на прв или последен час за детето да не присуствува на настава, од причини што ние како училишта сме недоволно опремени за да му дадеме баш ефикасно и квалитетно образование на самите деца“, изјави Маре Стојменоска Мицеска, специјален рехабилитатор и едикатор.

И наставниците признаваат дека ниту сега не се целосно подготвени за работа со деца со посебни потреби.

Инклузијата како процес од 2023 година беше задолжително спроведен во сите основни училишта, без притоа да бидат соодветно консултирани конкретно реализаторите на наставата, односно најповиканите кои треба на сцена да стапат со тие дечиња кои реално едноставно беа донесени без соодветно да нѐ консултираат нас. Дека тука постојат безброј проблеми, факт е, тоа може да го слушнете од повеќе извори, може да го слушнете од родители, може да го слушнете комплетно од целиот наставен кадар, конкретно можам да кажам за нашето училиште, бидејќи навистина ние не бевме по ниту еден основ подготвени за таа инклузија, особено не за целосна инклузија. Значи целосна инклузија подразбира дека без разлика какви потешкотии има ученикот дека тој мора да биде вклучен во редовниот наставен процес. Дали училиштето е материјално подготвено, дали училиштето има такви пристапни рампи, дали има соодветни сензорни соби кои соодветно се потребни зависно од потребата на детето да се справиме со некои одредени ситуации и проблеми, значи ние како наставници не бевме воопшто консултирани. Од друга страна ние како наставници воопштено не бевме едуцирани како со тие деца да работиме, можам да ви кажам дека јас сум имала такво искуство со ученик и навистина беше многу тешко за сите, беше тешко за родителите, за мене како наставник и за ученикот конкретно.

 Дали сега е малку поразнична сликата после една до две години од спроведувањето на ова?

 Можам да ви кажам дека малку се подобруваат во одредени сегменти условите, меѓутоа генерален заклучок, еве штотуку заврши обуката, е дека ние се уште лутаме“, вели Каролина Тренеска, одделенски наставник.

Ако во урбаните средини ситуацијата е тешка, таа е уште покомплицирана во руралните средини каде децата не можат да добијат образовен асистент, има  помалку дидактички средства за поддршка на овие деца, нерешени пристапни бариери, руралните средини се понепристапни и понеобезбедени.

Предизвик за овие дечиња со било која попреченост е ограниченоста најчесто на ресурсните центри и центрите за поддршка на учењето, бидејќи во урбаните средини, конкретно во Битола, многу е поедноставна и соработката на училиштата со овие ресурсни центри и центри за поддршка на учењето и подостапни се за дечињата кои живеат таму, додека во руралните средини колку е поодалечено селото, толку е поголем проблем и предизвик за родителите. Според мене идеално би било кога ние сите и во руралните општини би имале барем мобилни специјални едукатори и рехабилитатори, логопеди“, рече Јасна Ѓорѓиевска, психолог.

Токму поради целата оваа слика дел од стручните лица се залагаат за повторно враќање на училиштата со посебни потреби кои неколку години не можат да запишуваат нови ученици. Или да се видоизмени сегашната програма со комбинирани методи.

Во оваа неподготвена средина најголем негативен дел се направи кога се забрани пред 2 години уписот на првачиња во ресурсните центри за поддршка и во центрите за поддршка во градовите и со тоа се затворија вратите на родителите кои сакаат нивните деца да продолжат во посебни услови. Јас не сум против инклузија ќе напоменам и сега, но ние не можеме да правиме инклузија по секоја цена, имаме навистина тешки деца кои и самите родители се свесни дека не се за во редовно образование. Би било убаво во иднина да се планира да се врати тој систем на поддршка каде што имаме непроценливи ресурси и од едуциран кадар, од материјално-технички услови, зборуваме за центрите за поддршка и ресурсните центри каде децата се свои меѓу своите, односно каде што имаат најдобар напредок, ако правиме муабет за напредок на децата. Ако правиме муабет само за физички да бидат присутни на училиште ние можеме да си ја продолжиме инклузијата и да не направиме никакви промени, меѓутоа се е на штета на децата“, истакна специјалниот рехабилитатор и едикатор, Маре Стојменоска Мицеска.

На скоро ист став се и стручните лица и раководниот кадар од ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп кои се единствен Центар за поддршка во овој регион. Велат дека досегашните искуства се различни, има и многу позитивни и негативни и од аспект на прифаќање на овие ученици, нивното вклопување во образовниот процес и подготвеноста на наставниот кадар.

Во моментов законската регулатива не предвидува запишување на овие ученици во посебните училишта и посебните паралелки и би кажала дека учениците кои добиваат поддршка по модифицирана програма дел од наставата во моментов ја реализираат, поточно дел од работата ја реализираат во центрите за поддршка. Мое мислење е дека треба да се остави простор да и родителите и стручните тела проценат во зависност од комплексноста на состојбата, дека дел од учениците би требало повторно да следат воспитно образовен процес во специјализирани установи, затоа што сметам дека во моментов потребно е дополнително обликување на инклузијата“, рече Рената Андоноска, специјален едукатор и рехабилитатор.

 

Ако мене ме прашувате лично јас што мислам, мислам дека треба да се вратат посебните училишта најитно. Како долгогодишен наставник на деца со посебни потреби сум да има инклузија во училиштата, но не по секоја цена. Родителот да бира што е најдобро за неговото дете, а не да мора. Ние сме училиште едно и единствено во овој округ и работи со дефектолози поранешни, а сега специјализирани едукатори и рехибилитатори и мислам дека најсоодветно би пружиле помош на ваквиот тип на образование за овие деца. Лично од мои примери, како и од пријатели кои имаат деца со посебни потреби, тие се залагаат да се врати старото образование во училиштето за деца со посебни потреби, бидејќи оценката е дека во овие училишта нивното дете може многу побрзо да напредува и да има успех во овој вид на образование“, вели Ахил Јаков, директор на ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп.

И од Министертсвото за образование признаваат дека тоталната инклузија не е можна во Македонија и се покажало дека државата не е подготвена за ваков процес. Токму затоа се предвидува повторно можност запишување на деца со посебни потреби во ресурсните центри и центрите за поддршка.

„Сите деца кои можат да одат во редовните паралелки продолжуваат да одат во редовните паралелки со или без образовен асистент како што ќе одлучи Комисијата за функционална проценка. По барање и инсистирање на голем бројј здруженија и родители ќе овозможиме упис во 5-те Ресурсни центри на децата по инсистирање на родителите, но повторно со дозвола и препорака на Комисијата за функционална проценка. Тоа би било измената затоа што до оваа година не беше дозволено такво нешто. Се разбира дозволуваме со законот децата кои можат одреден период на часови или денови да бидат во редовна настава, да бидат таму, а доколку има потреба да бидат и во Ресурсните центри, часови или денови. При тоа Општината ќе го плати превозот и на ученикот и на родителот зџа да ги исполниме очекувањата и на родителите и за да постигнеме успех кај овие дечиња кои учат и по ИОП и по модифицирана програма“, изјави Весна Јанеска, министерка за образование.

Но што и да се случува во иднина, како што вели и Наташа Јовеска, родител на вакво дете и образовен асистент, треба да се донесе со голема консултација како со стручните лица, така и со родителите на овие дечиња.

„Ова е нов процес и треба пополека да се оди кон нештото. Затоа кај тие деца со поголема попреченост, со поголеми образовни потреби се вклучува и образовен асистент. Тие деца имаат ниски цели и за соработка и со едните и со другите тука е секогаш стручната служба, секогаш се директорите, имаме отворени раце од стручната служба и да се зборува и да се дојде до едно заедничко решение. Позитивната страна на инклузијата е тоа што типичните деца во редовните паралелки од старт започнуваат, од прво, второ одделение започнуваат да седат во клупи од некој што е поразличен од нив и кај нив нема да биде како нас што ни беше табу тема, тие од старт растат со некој што е поразличен од нив, знаат дека на тој што му е потребна помошта треба да ја пружат таа помош и дека треба секогаш да бидат тука за нив и мислам дека на добар пат е, но убаво да се разгледаат работите и тие што се стручни за тоа да го направат“, рече Јовеска.

Целосна инклузија, комбиниран модел или враќање на училиштата за деца со посебни образовни потреби треба претходно добро да се осмисли и консултираат сите засегнати страни, а не да се прават copy/paste модели од европски држави од кои ние сме далеку со децении. И на крај се што се прави или ќе се прави треба да биде во корист на самите деца, а не на нивна штета.

Со овој текст, Инфо компас се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи