ВИДЕО – Реконструкција на административната зграда на агората во Стибера, остануваат проблемите со приватниот имот


За прв пат на античкиот локалитет Стибера кај Прилеп се прави реконструкција на административната зграда на агората односно на централниот простор на градот кој служел како плоштадно место и пазариште. Инаку ова е прва агора пронајдена во некој антички град во Македонија. Конзервацијата на ваквите објекти е комплексна и тешка.

Изборот на материјалот е доста специфичен. Мораме да бираме камен по големина, боја и структура соодветен на автентичноста на градбата. Оваа година имавме среќни околности да откупиме куќа од селото Чепигово која што е правена со камен во 1920 година земен токму од Стибера. Дури најдовме и една монета во тоа разрушување на објектот“, кажа Кире Јованоски, архитект конзерватор.

Инаку за жал од Стибера досега се откриени само неколку проценти од градот кој броел 20.000 жители во тоа време. Има откриено неколку јавни градби, гимназионот, собранието, плоштадот, храмот на богинката Тихе, а се останато е под земја затоа што градот се наоѓа во приватен посед, а од нејасни причини досега државата со децении не сака да ги откупи нивите и да започне поголемо археолошко откопување на целиот простор. За жал и постоечките градби во Стибера се обраснати во трева и непристапни за туристи.

„Ќе се направи комплетна документација за да сето она што треба се пласира пред Министерството за култура за да се добијат поголеми средства за работа и да се обезбеди просторот во кој што треба да се извршуваат тие археолошки истражувања. За да како што кажавме Стибера е антички град и треба да се гордееме со она што го имаме, да не го затвораме градот за туристите туку треба да бидеме отворени за туристите“, рече Мимоза Христоска, директор на Завод и Музеј Прилеп.

 

„Но како што кажавме за да биде презентирана Стибера, за да биде обележана, заградена, тоа не може бидејќи нивите се во приватна сопственост и ништо не може да се направи од тоа урбанизирање се додека имотот е во приватна сопственост“, изјави Душко Темелкоски, раководител на истражувањата.

Археолозите велат дека затрупани под земја остануваат голем број палати, театарот и најзнaчајниот дел некрополата на градот. Стибера е на ранг на градовите Стопи, Хераклеа, Скупи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи