Љутков: Ќе ги поддржиме иновациите во културниот сектор

Facebook
Twitter
Email
Print

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Музејот на македонската борба се обрати на седмото издание на конференцијата „Културните и креативните индустрии: предизвик за туризмот, културното наследство и економијата“, во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Поздравувајќи ја организацијата на конференцијата, Љутков рече дека се дебатира за исклучително важна и актуелна  тема, која на едно место ги обединува нашите напори и стремежи за развој и унапредување на културната, туристичката и економската сфера.

Осврнувајќи се на културните и креативните индустрии, министерот Љутков нагласи дека со својата посебност и потенцијал, тие можат да бидат моќен двигател на економијата.

„Инвестирањето во оваа област ќе придонесе за поттикнување на економскиот развој, нови можности за вработување и за зголемување на глобалниот углед на нашата културна сцена. Креативниот сектор не само што произведува уникатни производи и услуги туку и го поттикнува растот на туризмот, угостителството и малопродажбата“, истакна пред присутните министерот за култура и туризам.

Препознавајќи го потенцијалот на културните и креативните индустрии, Љутков информираше дека Владата и Министерството за култура и туризам во наредниот период ќе се фокусираат, пред сѐ, на изработка на нова Национална стратегија за културни и креативни индустрии (ККИ), ќе се изврши мапирање на ККИ, а ќе се возобнови и Советот за ККИ.

„Воедно, преку поддршка на стартап-компании кај правните лица и на фриленсерите ќе се креираат нови иновативни програми за поддршка за создавање и развој на бизнисите во креативните и културните индустрии и во видеоигрите“, додаде министерот Љутков, нагласувајќи дека ќе се даде поддршка за создавање препознатливи македонски брендови, за обнова и развој на традиционалните занаети, за воведување  специјализирани географски ознаки со кои ќе се препознаваат македонските производи, а ќе се поддржуваат и еколошки одржливи проекти од областа на културата со користење традиционални знаења и вештини поврзани со природата и заштитата на животната средина.

Исто така, ќе се реализираат и низа работилници, саеми и кампањи за подигнување на свеста за придонесот на ККИ во економијата и општеството.

Повикувајќи на соработка меѓу сите засегнати, Љутков нагласи дека само така ќе можеме да создадеме синергија која ќе резултира со одржлив развој на нашата култура, туризам и економија.

„Во тој контекст, улогата на Министерството за култура и туризам е клучна во создавањето рамка која ќе овозможи ефикасно справување со предизвиците и ќе ги поддржи иновациите во културниот сектор“, рече Љутков, додавајќи дека со  поддршка на креативците, како и со овозможување поволни услови за развој на креативните индустрии, сите заедно ќе ја оствариме визијата за создавање богат и разновиден културен сектор и ќе изградиме културна средина која ќе биде конкурентна на глобалниот пазар.

На конференцијата се обратија и деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков; проф. д-р Владимир Јаневски од Музичката академија на УГД; проф. д-р Наташа Митева, продеканка на ФТБЛ; м-р Александар Јорданоски, експерт за културно наследство и Анче Илиевска, в. д. директорка на НУ Музеј на македонската борба за самостојност.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи