Имплементацијата на проектот „3ајакнување на младите преку нови можности 2“ има за цел да ги зајакне младите од ранливите категории и да им го олесни пристапот до пазарот на трудот. Во рамки на проектот на младите им се достапни бесплатни обуки за животни вештини и вработливост, кариерно советување од лиценцирани кариерни советници, психо-социјална поддршка, финансиска поддршка за посетување на курсеви, посредување при вработување.
„Со младите лица кога ќе пристапат во програмата се прави првична проценка на нивните потреби и се развива индивидуален развоен план. Согласно афинитетите на младите лица се зацртува кариерниот пат и им се помага на младите лица да чекорат цврсто по истиот. Во рамките на обуките за животни вештини и вработливост младите се стекнуваат и ги унапредуваат нивните знаења и компетенции во повеќе области, од основни животни вештини, преку поставувања на лични цели и остварување на истите, финансиска писменост, па во делот на методологијата за вработливост имаме многу попрактични вештини кои што се однесуваат на процесот на барање, меѓутоа и зачувување на работа, како што се на пример подготовка за интервју, пишување на кратка биографија, права и обврски на работното место итн“, истакна Иван Штерјоски, менаџер на проектот.
Во првиот дел на проектот од 2020 до 2023 година биле зајакнати над 340 млади лица, а над 200 се уште се вработени. Во тековниот проект кој започна во 2023, а ќе трае до 2026 година ќе бидат опфатени над 500 млади, а се очекува над 190 да најдат одржлив работен ангажман. Целна група на проектот се млади лица од 16 до 35 години.
„Со оглед на тоа дека станува збор за млади од социјален ризик и тие се опфатени во овој дел, сметаме дека можеби некогаш е потребно многу малку да се направат за тие млади за да можат да најдат работа, а тоа се можеби и некои меки вештини кои што се како обуки. Сметајте дека тоа можеби нас ни изгледа дека е едноставно, но за тие млади е и тоа како потребно и важно да се направи, можеби со мал стимул, мало насочување кон она што тие можат во иднина да го прават, можат и тоа како да се вклопат и да бидат работна сила и да се вклучат во процесот на творење и креирање во општината“; рече Гоце Бумбароски, советник за млади во Општина Прилеп.
Проектот се импелементира во градовите Скопје, Штип, Прилеп, Тетово, Кавадарци и Струмица.