ВИДЕО – Стратегии во образованието без консултација со наставниците, на штета на учениците, дали новите реформи ќе бидат поразлични


„НАЈНОВА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА И РЕФОРМА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО – ова ќе не изнесе на правиот пат.

Не бе шо е ова, леле шо направиле. Ние ќе направиме подобра, везе немаат овие

НАЈ НАЈНОВА СТРАТЕГИЈА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ…

Леле види што направиле пак бе смениле нешто, абе одма давај нова, нова – Нова стратегија.

НАЈ НАЈ ЕПТЕН НАЈНОВА СТРАТЕГИЈА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ…

Ама министре децава, наставнициве…

Е што тие?

Па да се консултираме..

За шо бе…

Па да видиме што е најдобро како ќе делува сето ова. Сега кој е Влада ние или тие, кажува овде!!! Абе мандат ние сме добиле од народ бе, како така друг да кажува…

Ама експертите…

Остај сега земи и пишувај шо ти викам. А плус можи и да споиме некои предмети заедно, многу учебници се некако…

Е како да споиме?

Така билогија со незмам хемија и географија, географија со историја, исфрли таму некој лекција и готово…

Ама како може да се спојат тие предмети…. Неспоиви се… Наставнициве се бунат, децата, родителите..

Леле пак овој, абе кој е министер тука, а?“, САТИРИЧЕН ТЕКСТ.

Вака некако изгледа образовниот процес кај нас со години, која влада и да стигне, кој министер и да седне во фотелја си прават свои стратегии и реформи. Некогаш успешни, често пати промашени и за жал сето тоа на грбот и на штета на учениците.

Образованието не е од денес за утре, туку образованието е за иднината. Она кое што ние како наставници најмногу го даваме како забелешка, го забележуваме е брзите промени. А најлоши се незавршените промени, односно оние кои започнуваат, а не завршуваат и таму некаде во средина прекинуваат и тоа е најлошото нешто кое можи да се случи. Најубаво е да има континуитет, а она кое сметам дека треба да се случи е една национална стратегија за образование, која што сите релевантни фактори на политичката сцена да направат еден консензус каде ние како држава треба да одиме и што сакаме да постигниме во делот на образованието. За да не испадне дека секоја влада доаѓа и носи со себе измени и промени кои во минатото се покажале некои како добри, а некои како многу лоши практики. Тоа значи дека ние важно е да имаме една национална стратегија и ниту една влада во иднина да не може да направи отстапка и промена од она што се постулати и темели на тоа што ние како образование треба да го градиме во иднина.

Ќе собереме ли капацитет и ќе покажеме еднаш како држава дека е тоа можно?

Со оглед на тоа дека долги години веќе се бориме со промените во образованието, мислам дека време е сите заедно, не зборувам само врвот во образованието, туку сите заедно, родители, наставници, ученици, а најмногу и сите релевантни фактори да се избориме и еднаш да застанеме цврсто на ставот дека столбот на државата е образованието“, истакна Гоце Бумбароски, одделенски наставник.

 

Јас мислам дека веќе време е мислењето и стратегиите во образованието да ги прават луѓе кои се во образованието, кои биле во основните и средните училишта, предавале, биле со учениците и ги знаат проблемите со учениците, наставниците и родителите. Јас мислам дека во воведувањето на новата концепција тоа го немаше, мислење даваа лица кои немаат предавано во образование во основно и средно, време е наставен кадар да биде во Министерството за образование, не личности кои воопшто немаат предавано. Овој пат, последниве 7-8 години е стриктно заради тоа, паушално се имплементираат закони од Норвешка и Шведска, без да се мисли на реалните услови кои ние ги имаме во државата. Не може да воведуваш модел од Норвешка и Шведска, кога имаш постари и руинирани училишта, не можеш да воведуваш модел на западни земји кога платата на наставниците е најмала и во општеството и во регионот, за разлика од овие земји каде се имплементира таа концепција“, потенцираше Ахил Јаков, директор на ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп.

Од сите овие промени и реформи најголема пречка е тоа што стратегиите се носат без скоро никаква консултација со наставниот кадар, оној кој е најзасегнат од нив.

Каде се најголемите предизвици и проблеми, кај наставниците или кај учениците, или пак подеднакво и кај едните и кај другите од дисконтинуитетот што постои во спроведувањето на стратегиите?

Секогаш има различни начини и морам да признаам дека трпат и наставниците и учениците и родителите, во зависност за што станува збор. Ако се сеќавате пред извесно време имавме спојување на предмети, губења на часови, па додавања на часови, имаше наставници кои завршиле одреден дел од своето образование и беа приморани да држат настава сосема различна од она за кое тие се подготвени. Во тој дел наставниците навистина имаа предизвици пред себе и беше тој дел тежок. Но сметајте дека се случуваше на некои наставници да им недостигаат часови и да бидат приморани, а знаете кога сте приморани сакале или неќеле морате да се вклопите во она кое што ви е наложено. Од друга страна пак кај родителите исто така доаѓа до некоја забуна или новитети и промени во тој дел и секогаш во зависност од тоа што е предвидено, што е новината, трпат и наставниците и родителите, а тука во средина секогаш се учениците кои што вака или онака секогаш мораат да се носат со тоа што е предвидено во овој дел“, додаде Гоце Бумбароски, одделенски наставник.

 

Сметам дека досега од моето 12 годишно искуство, јас и како претседател на регионално географско здружение, не сме биле консултирани, но секогаш јас сум оптимист и во последно време гледам една искра надеж, која што последниот период за некои од новите реформи, поточно новата концепција која што треба да се спроведи од 6 до 9 одделение, бевме прашани, бевме консултирани и се надевам дека тоа е доста позитивно и ќе продолжи со консултации, затоа што ние наставниците сме секојдневно со учениците, секојдневно во училниците и најдобро можеме ние да увидиме какви се резултатите, а и најмногу да допридонесеме за спроведување на тие реформи во образованието“, истакна Милан Јаковоски, наставник по географија.

Досега според наставниците стратегиите се носеле копирани од високо развиените европски држави, без за тоа да се води сметка или да се направи некое истражување, дали истите така пресликани може да се проведат во нашето општество и дали пред се ќе имаат некој позитивен ефект.

Ефектите од досегашната нова концепција сметам дека не беа баш најпозитивни, затоа што дојде до спојување на повеќе предмети во еден и тоа предмети кои се од суштинско значење за учениците, предмети кои даваат доста големи општи познавања за понатамошниот живот на учениците и се изгуби самата суштуна на тие предмети, како предметите географија, историја, понатаму во седмо одделение се поврзани физика, биологија, хемија, географија во еден предмет и сметам дека со тоа значително се намали и програмата на самите предмети и целта на она што треба учениците да го добијат за пред се општи познавања во животот.

Вие сте наставник по географија, дали е споива географијата со историјата?

Видете,географијата и историјата се различни науки, можеби има предмети каде можат да се спојат, но во овој случај се покажа и на дело дека тоа е невозможно“, вели Милан Јаковоски, наставник по географија.

 

Има многу недоречености, како што кажав сукцесивниот пристап на концепцијата е многу подобар отколку избрзани методи за предавање, така настанува општ хаос и кај учениците и кај наставниците. Мислам дека еден привремен пристап кон концепцијата, спроведување на онаа стара концепција што беше во времето и сега, треба да има некоја сукцесивност на предавање каде што лесно би се прилагодиле пред се наставниците, затоа што и тие треба да одат и да посетуваат обуки за да можат да го имплементираат сето тоа што сака Министерството за образование да го направи. Мислам дека со едно умерено темпо, полека, зборувам за некои 10 години да се воведе добар пристап, Министерството за образование да има поголеми блок дотации кон општините за да можат тие и паралелно и сукцесувно да пуштаат финансии кон училиштата, бидејќи сите училишта не се исти, некаде имате многу ученици, некаде имате малку ученици. спрема бројноста на учениците полека треба да се воведува и новата концепција или таа што треба да биде во иднина“, рече Ахил Јаков, директор на ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп.

Од Министерството за образование велат дека најновата стратегија се правела далеку поразлично од сите досегашни, затоа што го задржувала од претходната тоа што е позитивно оценето од самите наставници, а се воведувале новините кои требале да го подобрат целиот образовен процес.

Националните стратегии се носат на одреден период и следната година завршува националната стратегија 2018-2025, па ќе се прави нова. Но во однос на реформите кога станува збор, за разлика од претходните влади, оваа Влада се труди да обезбеди континуитет, направивме сериозни анализи на тоа што беше критикувано од страна на експертите, наставниците и родителите, сакаме да го приближиме образованието до учениците, наставниците и родителите и тука правиме промени. Но она што тие го пофалија и сметаат дека е добро, ние го превземаме од концепцијата за основно, значи сепак обезбедуваме некаков континуитет, а тоа се изборните предмети, слободните активности, општествено корисните активности, воннаставни и други наставни активности, клубови, сето тоа останува, така да ние имаме одреден континуитет. Се разбира, бидејќи 23 години во гимназиското образование ништо не е превземено, ќе носиме нови наставни планови и програми, односно нова концепција, за да можеме да го осовремениме. Средното стручно образование добро напредува, ќе се фокусираме на него, ќе продолжиме да го подобруваме, да го надградуваме, имаме добри резултати во поврзување со пазарот на трудот, со компаниите. Оваа реформа за разлика од другите сметаме дека не треба да биде избрзана, на треба да биде натурена и не е таква, ја подготвуваме јавноста за она што најважно за нашите ученици, да го достигнат бројот на часови кои недостигаат во однос на ЕУ. Знаете веќе е објавено дека 900 часа до 15 годишна возраст им недостасуваат во однос на нивните врсници во ЕУ, затоа велиме учениците ќе остануваат подолго во училиштата, најмалите ќе имаат таканаречена целодневна настава, што не значи дека тие интензивно ќе бидат над книга или наставникот ќе им предава екс катедра, туку интерактивно со многу игри, со многу погодувања на интереси кај децата ќе се стекнуваат со знаења, вештини и компетенции соодветни за нивната возраст“, изјави Весна Јанеска, министерка за образование.

Се што се воведува како новина треба да биде изградено и втемелено на претходните искуства, дали нештото е добро или не за учениците и наставниците, дали нашиот систем може да ја реализира таа стратегија или не, дали Македонија е подготвена како држава за тие реформи или не. И пред се, секоја нова концепција доколку не е напишана или одобрена од тие што пред се што ја спроведуваат, наставниците, истата од старт нема да ги постигне саканите ефекти.

Со овој текст, Инфо компас се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи