„Видување“ – изложба во Ликовната галерија од Анита Јовеска Сот

На 27.09.2024 ,петок од 19.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Видување“ од Анита Јовеска Сот.

Анита Јовеска Сот е родена 1986 година во Прилеп. Во својот роден град завршила основно и средно образование- гимназија. Дипломирала на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија, 2008год., отсек- Плакат и визуелни комуникации.

Денес живее во Македонија, работејќи како професор по ликовна уметност.

Како академски сликар, Анита Сот сопствените дела ги изработува во mixed media, односно мешани медиуми, вклучувајќи многу матријали . Трагајќи по свој сопствен ликовен јазик и идентитет, таа често истражува во доменот на различните сликарски техники. Има изложувано на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и во Бугарија.

 Изложби

Учествувала во повеќе групни изложби во Софија, Прилеп,Скопје, Битола и други, како и на неколку ликовни колонии во земјава и пошироко.

Самостојни изложби:

2022- Самостојна изложба Encounter,Повторна средба,Прилеп и Кавадарци

2018,Прилеп-изложба “Everglow”,

2008, Софија; изложба на плакати на тема „Театрален плакат според Шекспир“, Галерија „Академија“.

2010 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2010“

2011 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2011“

2012 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2012“

2013 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп  2013“

2014 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп  2014“

2014 година – „Годишна изложба на ДЛУБ  Битола 2014“

2015 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп  2015“

2016 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп  2016“

2017 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп 2017“

2018 година „Традицијата е код, традицијата е течение“

2022 година – „Годишна изложба на ДЛУП Прилеп  2022“

2023 година-Групна изложба,”Под нулата”, Прилеп

2023 година- Меѓународна ликовна колонија,Михајлово,Кавадарци

„Секој портрет насликан со чувство е портрет на уметникот, не на тој што позира. Портретираниот е само случајност, прилика. Тој не е оној што сликарот го разоткрива; сликарот е тој што се разоткрива себеси на обоеното платно.”  Оскар Вајлд, Сликата на Доријан Греј

„Обликувајќи ги комплексните форми креирани со помош на динамични контурни линии и интензивни вибрантни бои академската уметничка Анита Јовеска со впечатлива експресија визуелно ги изразува личните индивидуални внатрешни импресии врз лицата на портретираните ликови. Преку внимателно селектирани хроматски и ахроматски скали авторката визуелно манифестира таинствени колоритни амбиенти со сензитивна изразна величина. Врз јадрите и доминантни ликови се рефлектираат длабоки лични и супстанцијални чувствени пулсирања. Портретот за уметничката претставува можност за пронаоѓање начини за инвентивна и автентична манифестација на неговите физички и емотивни својства, со комбинирање и слободна креативна игра на разновидни ликовни елементи. Во колоритната експресивна изразност на портретите се одразуваат разнообразни сензации. Покрај емотивната величина која се пронижува во експресијата на ликот и поставеноста на рацете на портретираниот модел, Јовеска особено посветува внимание и на квалитетот на ликовните елементи. Во раскошните експресивни композиции, таа умешно ја обликува формата со примена на силни колоритни топло-студени и комплементарни контрасти за одразување на моќна чувствена изразност и драматичност, и со употреба на контраст на линиите за создавање на динамична вибрантна ликовна содржина. Јовеска во сопствените лирични, автентични и драматични креации, го создава единството во композицијата по пат на доминанта, поставувајќи акцент на емотивната експресија на портретот. Илустрираните зборови и изрази, досетливо проткаени низ многуслојните и прозрачни површини креираат богат симболичен поттекст. Во изразите на туѓите погледи таа ги видува сопствените индивидуални особини, односно се открива себеси. Длабоките емотивни впечатоци, вгнездени во имагинацијата и генијалноста на авторката се разоткриваат врз сликарското платно, придобивајќи своја визуелна самостојност и изразит идентитет преку насликаните ликови на портретираните модели. Восхитувачките портрети на Јовеска одразуваат исклучителен визуелен ансамбл извезен со лиричен сликарски сензибилитет и облагороден со личните индивидуални чувства на авторката“, напиша м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи