По втор пат во Прилеп се одржа планинската велосипедска тура „Ramniste Cave MTB 2024“, во организација на здружението „Маркови Точакџии“, чија цел е промоција на овој спорт, здравиот начин на живот, но и убавините кои ги има во изобилие во овој дел прилепскиот регион. Учесниците на оваа тура, која што е од средно – тешка категорија, поминаа 32 км. започнувајќи од селото Оревоец, па потоа продолжија кон Прилепското Езеро, преминот „Дервен“ со планинарскиот дом, селото Крстец, како и пештерата „Рамниште“ која беше осветлена за оваа намена и претставува вистинска атракција.
„Првата година имавме малку неприлики, имаше невреме, еднаш се одложи, потоа температурите беа многу високи, но на крај се заврши добро, а годинава очекуваме уште повеќе посетители. Има многу знаменитости кои некои ги знаат некои не, добро е да се промовираат истите, покрај што го промивираме здравиот начин на живот“, изјави Филип Илиоски, претседател на здружение „Маркови точакџии“.
Оние здруженија на велосипедисти кои лани беа дел од оваа тура зедоа учество и годинава, а имаше и нови учесници од другите градови. Велосипедистите се надеваат дека овој спорт кај нас има големи перспективи, затоа што со него се занимаваат и доста млади.
„Лани си поминавме супер се надевам дека исто така и оваа година ќе биде исто. Организацијата е за пофалба. Времето се надеваме дека нема да ни заврне. Категоризацијата зависи од спремноста на велосипедистите за мене е некаде средно тешко тура. Посебно што ја издвојува од другите тури и пештерата која ја посетуваме“, истакна Никола Гроздабов, член на МТВ Штип.
„Се надеваме дека имаме многу млади деца, кај нас има доста во Штип, има и тука и се надеваме дека има големи перспективи овој спорт“, кажа Костадин Киров, член на МТВ Штип.
Веќе една година сите вакви здруженија на ниво на држава имаат формирано Асоцијација преку која заедно си помагаат, учествуваат на овие настани, за кои веќе има направено и календар за преку целата година, кој настан кога и во кој град се одржува.
„Првобитната намена на Асоцијацијата беше меѓусебна помош. Има уште 2 тури до крај на годината, една во Велес, а друга во Валандово. После завршување на календарот ќе седнеме ќе направиме една годишна конференција да видиме што и како понатаму“, рече Зоран Јанески, претседател на Македонска асоцијација на амтерски велосипедски клубови и здруженија.
Учесниците беа пречекани и со традиционални прилепски специјалитети подтговени од здружението на жени „Преродба“ од Прилеп, а додека пак синоќа имаше и забава на отворено во селото Оревоец со бенд и ДЈ од Прилеп.