Потпишан Договорот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Facebook
Twitter
Email
Print

Договорот за заем со унгарската Експорт-импорт банка во висина од 500 милиони евра, а во согласност со Законот за задолжување на РС Македонија по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, денес во Будимпешта е потпишан од страна на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Со потпишување на Договорот денеска обезбедуваме 500 милиони евра за буџетска поддршка, за поддршка на локалниот развој преку проекти во општините, како и за поддршка на економијата. Тоа беше повеќе од потребно за нашата економија, која во првиот квартал имаше многу слаба економска активност и бараше мерки кои ќе направат раздвижување и забрзување на економската активност. Исто така, и реализацијата на проектите во општините претставуваа неопходност затоа што и тие ќе имаат позитивно влијание врз економската активност, а дополнително со нив ќе решиме и горливи проблеми на граѓаните“, рече министерката за финансии по потпишување на Договорот.

Заемот, според министерката, се обезбедува по поволни услови, со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од 3,25 проценти.

„Одлуката на Владата да го обезбедиме планираното надворешно задолжување со Буџетот за 2024 година преку билатерален заем од Унгарија, наместо со издавање нова еврообврзница, произлезе како резултат на поволните услови што ги добивме и заштедата што ја правиме само по основ на каматата. Каматните стапки по кои би ја добиле оваа сума на меѓународниот пазар е околу 6% и тоа е голема заштеда по буџетот по овој основ, односно заштеда на годишно ниво од околу 14 милиони евра. Дополнително и рочноста дава предност и помал ризик од потреба за рефинансирање“, рече Димитриеска-Кочоска, која додаде дека ваквите услови се резултат и на политиките што ги води Владата, а за што, како што посочи, минатата недела добивме потврда и од кредитната агенција „Фич“, којашто според неа има значајна улога за каматните стапки коишто ги добива земјата при задолжување на финансиските пазари.

Делот  од заемот којшто е наменет за компаниите, според министерката, ќе биде пласиран исто така по поволни услови, што ќе влијае на отпочнување на еден инвестициски цисклус во приватниот сектор од над 500 милиони евра со кој ќе се обезбедат повисоки стапки на економски раст.

До крајот на неделата се очекува парите од заемот да бидат префрлени на сметките во земјата и потоа да почнат да се реализираат согласно планираното.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи