Во Прилеп започна 15 јубилејно издание на фестивалот „Медот и пчелните производи, инвестиција во вашето здравје“. Во организација на Пчеларското здружение Братство од Прилеп, кое е едно од најстарите во државата, 15тина пчелари ќе ги претстават своите производи на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“.
По тој повод градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески истакна:
„Огромна благодарност до сите присутни учесници, затоа што се трудите да допринесете за подобро здравје кај нашите сограѓани. Здравје во тегла, е она што во овие четири фестивалски денови ќе им го понудите на Прилеп и прилепчани.
Добивањето на медот е подарок од природата за сите нас.
Природниот мед претставува единствена нерасиплива храна, која со тек на времето може само да го менува обликот но не и да се расипе. Оваа одлика ја истакнува неговата вредност и потврдува зошто оваа вкусна и здрава намирница била употребувана како природен засладувач уште во праисторијата.
Упатувам честитки до Пчеларското здружение Братство, како и до сите останати здруженија и самостојни пчелари за оваа организација на фестивалот на медот и се надевам дека заедно ќе ја постигнеме целта, а тоа е да се поттикне производството на мед и да се влијае врз порастот на неговата потрошувачка.
Ви посакувам успех во производството и ги поттикнувам сите оние кои што имаат желба да започнат да се занимаваат со пчеларство а на сите наши сограѓани им препорачувам редовно да го консумираат медот и пчелните производи затоа што навистина тоа е инвестиција во нашето здравје“; рече Јовчески на отворањето на фестивалот.
На фестивалот кој започна денес може да се најдат најразлични пчелни производи како мед, прополис, матичен млеч, полен, но и пчеларска опрема. Истиот ќе трае 4 дена, односно до сабота, 12 октомври.