ВИДЕО – Грашеска Илиеска: Предлог–планот на т.н. „развојни“ програми 2025-2027 покажува дека локалната власт нема никаква визија


Дневниот ред и предлог-одлуките од денешната 51 седница на Советот на општина Прилеп не се ништо друго, освен печат на безидејноста на Борче Јовчески и ДПМНЕ. Предлог – планот на таканаречените „развојни“ програми за периодот 2025 – 2027 година, покажува дека локалната власт нема визија за развој на градот, истакна Моника Грашеска Илиеска, координаторка на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот на општина Прилеп, по завршувањето на денешната Седница на Советот.

„Така на пример, за рехабилитација на улици за 2025 година планирани се расходи од 64 милиони денари. Меѓутоа, со оглед на тоа што станува збор за веќе реализирана програма од страна на “славната“ фирма „Топлина“ од село Подмолје, за следната година средства за рехабилитирање на улици на територијата на општина Прилеп од оваа програма – нема да има!

И покрај поскапените услуги, финансиските извештаи на Јавните претпријатија сведочат за нивно забрзано движење кон пропаст: обврските на „Комуналец“ кон доверителите, без другите долгови, достигнаа фантастични 500.000 евра, а слична е состојбата и во „Водовод и канализација“.

Од третото Јавно претпријатие за просторни и урбанистички планови стигнуваат две предновогодишни „честитки“: првата – повторно поскапува градскиот превоз и втората, 6 возила, од кои 5 се стари автобуси кои до скоро беа дел од јавниот градски превоз, ќе бидат продадени, сите топтан, за 14.650 евра!

Што се однесува до Општина Прилеп, она на коешто како опозиција сакаме да укажеме, е дека градоначалникот и општинската администрација сеуште не ја реализирала јавната набавка за изградба на фабриката за отпад. Доколку постапката не биде завршена до крајот на тековната година, средствата во висина од 90 милиони денари кои Владата на СДСМ и’ ги префрли на Општина Прилеп, ќе бидат вратени во државниот буџет.

Исто така, граѓаните треба да знаат дека Општина Прилеп ја нема спроведено ниту јавната набавка за зимско одржување за улиците во градот и населените места. Тоа значи дека погледите на прилепчани треба да бидат свртени кон небото, со надеж дека до Нова година нема да заврне снег оти ќе нема кој да го исчисти.

Сето ова кажува дека граѓаните на општина Прилеп не можат да се надеваат на излез од тригодишната агонија. Единственото позитивно нешто во прилепското сивило, е сознанието дека локалната власт и Борче Јовчески влегоа во последната година од нивниот четиригодишен мандат“, рече Грашеска Илиеска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи