Полека но сигурно започнува онаа празнична атмосфера којашто треба да кулминира некаде во средината на идниот месец и да заврши со новогодишните и божиќните празници. Освен домовите, граѓаните ги украсуваат и објектите низ градот, особено угостителските објекти, каде што во овој момент се наоѓаме и пратично тоа е поводот за нашиот разговор. Како што може да забележите тука позади нас имаме украсување на еден од угостителските објекти во градот, а наш соговорник е Емилија Трајковска, уметник кој веќе долго време се занимава со цртање на излозите и како што кажав предвесник е на таа празнична магија.
Како започна со цртањето на излозите, прозорите на дуќаните низ целиот град, а сега те бараат и низ цела Македонија?
Трајковска: Да, баш така. Се започна со желба и идеја на моето детенце, побара дома да му ги нацртам прозорците и после си реков дека можам да го работам ова и на други места. Направив визитки, ги поделив насекаде низ градов и почнав прво од мојот град, од Прилеп, а сега цртам веќе низ цела Македонија.
Колку време црташ?
Трајковска: Па 4-5 години вака по излози, инаку си цртам и портрети.
Дали и претходно беше уметничка душа, па црташе и дома некои други цртежи?
Трајковска: Цел живот имам уметничка душа, школо уметничко нема, сето е дарба и ништо друго.
Дали одеше некаде да учиш, или самоук што викаме?
Трајковска: Самоук да, баш така.
Сега тука што имаме можност да забележиме?
Трајковска: Сега почнавме со снегулки, направивме нешто како мранзулци да изгледа, па елкички и ќе го украсиме, ќе ставиме вилењаци, тие биле оние што иделе кај децата и ги гледале пред да заспијат, ги слушале нивните желби за да им ги исполнат и да му кажат на Дедо Мраз што сакаат дечињата. Тие вилењаци ќе ги има точно тука во овој кафиќ.
Како што кажа веќе се најавува празничната атмосфера со овие цртежи, иако можеби е рано во месец ноември.
Трајковска: Порано се почнува, затоа што како што поминува времево се повеќе станува не како традиција, туку луѓето се навикнати дека иди Нова година, ближи декември и си резервиваат совреме термини за цртање.
Дали е ова твој прв обејкт во Прилеп или веќе имаш нацртано други во оваа сезона?
Трајковска: Прв во оваа сезона, денеска почнува оттука.
Ете драги гледачи почнуваме со првиот објект во Прилеп кој се украсува. Практично целиот овој надворешен простор ќе биде украсен.
Трајковска: Да, целиот надворешен простор ќе биде една приказна, со вака нежни елкички, малку мразулци, ќе има и како гранки од страните, подоцна ќе имаме комплетна слика и по некој вилењак кај што ѕирка.
Инспирацијата за цртежите ја добиваш сама, сопствениците на објектите оставаат на твоја инспирација, или имаат и тие некои желби?
Трајковска: Нормално имаат и тие желби, искрено на нивните желби јас се усогласувам и гледам спрема местото да изгледа убаво, а некои пак велат дека оставаат на мене за тоа како да изгледа просторот, а тоа е мислам најдобро, спрема самото тоа што го гледам да ја насликам сликата, да се долови она што треба. Пример ако е кафиќ се црта нешто со кафе, ако е бурекџилница цртаме Дедо Мраз или снешко со геврече и така, различно.
Рековме дека освен во градот имаш договорено цртање на вакви објекти и надвор.
Трајковска: Да да, секоја година различно, каде што ќе ме побараат јас одам.
Најинтересниот цртеж, најинтересниот објект што си го нацртала овие години?
Трајковска: Да издвојам некој посебно, не знам кој би го издвоила искрено, сите си имаат посебна убавина.
Секој цртеж има посебна приказна.
Трајковска: Некако посебни беа мавровските цртежи, самото место ти дава инспирација, многу снег, самата таа зимска атмосфера и се доловува она што треба да се гледа, целата слика, езерото во позадина.
Ние последните години овде во Прилеп немаме снег за празниците, па можеби тоа недостасува, па да се надеваме дека оваа година ќе го имаме снегот, да се надополни бајката.
Трајковска: Да, тоа недостасува, точно така, замислете сега долу сето да е бело и ова кога ќе дојди бело до израз, тоа е тоа, баш таа новогодишна бајка.
Некаква интересна случка при цртањето дали можеш да одделиш, дали луѓето застануваат, те гледаат кај што црташ, се сликаат со тебе?
Трајковска: Не застануваат да се сликаме, но има мали дечиња, па им давам нешто да нацртаат интересно, има такви случки. Секогаш е интересно, особено кога е многу ладно.
Сега е зимска сезона, дали црташ и во другите делови од годината?
Трајковска: Цртам редовно, но вака по излози народот не е некако навикнат, само во зима, за празничните периоди, инаку убаво би било да се црта за Велигден, со теми за Велигден, пример јајца, зајачиња. Пеперутки кога иди пролет, цветови на излозите од дуќаните, убаво би изгледало, но народот кај нас се уште не е навикнат на такво нешто, а би било убаво доколку се започне.
Секој период од годината има свои теми и приказни за пренесување преку уметноста.
Трајковска: Точно.
Колку дуќани во Прилеп имаш договорено за Нова година?
Трајковска: Многу, гледам да ги стасам сите. Значи освен дуќани цртам и по домови, пример луѓето имаат големи тераси или соби со големи стакла, па ме викаат и одам дома и цртам, бутици исто така доста се цртаат, бурекџилници. Не се само кафиќи и ресторани, каде што има излог секаде може да се црта. Во текот на годината, тоа заборавив да ви кажам, цртам и мурали по ѕидови.
Најчесто на згради?
Трајковска: Да, насекаде. Најдобро се црта нормално на рамна површина, но сепак и ѕидот да е рапав ќе дојде некако како 3Д, интересно изгледа.
Дали овде има посебна техника за цртање на стакло?
Трајковска: Ништо не треба, четка ви треба, боја и тоа е, ништо посебно.
Може да погледнеме како изгледа цртањето?
Трајковска: Може, да.
Како што рековме, тука добиваме елка?
Трајковска: Да, тука елкичка мала. Прво продолжуваме со белата, а потоа ја внесувам бојата кога ќе треба.
Оваа боја што е како да течи од прозорците, тоа би требало да се мразулци?
Трајковска: Да, мразулци, сега на делови ќе ги задскриеме со некој друг цртеж, ете таму убаво дошла како да истекла сама, па тука вилењаче да ѕирка… некогаш самото си дава своја слика, ти дава идеја плус. Пример тука сакав да нацртам елка, но бидејќи ова истече повеќе, тука би било интересно вилењаче да дојди немасто елка, самото си го дава своето.
Рековте цртежите најчесто ги правите откако ќе се стемни.
Трајковска: Да, работам навечер, а преку викенд целото време ми е исполнето, од сабајле па до вечер. Еден месец се издржува.
За целиот овој објект, колку време треба за да се нацрта.
Трајковска: Не ми треба многу, саат и пол до два, брзо цртам. Затоа имам време да стасам, инаку не би имала време ако цртам полека.
Ви благодарам на одвоеното време и на овој разговор. Ќе оставиме гледачите да погледнат како изгледа цртањето.