Како дел од континуираните активности за унапредување на локалниот синџир на снабдување на проектот за автопатиштата од Коридорите 8 и 10д, претставници на Конзорциумот „Бехтел и Енка“ ја презентираа платформата за соработка пред вработените во регионалните канцеларии на Стопанската комора на Македонија во Прилеп и во Битола.
Овие состаноци имаат цел подобро да ги објаснат водечките принципи на тендерскиот процес на „Бехтел ЕНКА“ за зајакнување на учеството на локалните компании во проектот за изградба на автопатишта, што до денес, според информациите на „Бехтел ЕНКА“, кулминира со приближно 90 % домашни компании од подизведувачите и со 65 % од добавувачите.
Во рамките на соработката со Стопанската комора, оваа иницијатива е насочена кон транспарентна соработка и кон поблиско запознавање на компаниите членки на Комората заради појаснување на процесите за соработка при реализација на работните активности за изградба на посочените коридори, со вкупна должина од 111 километри. Објаснувањето на тендерскиот процес се однесува на работи, услуги и на стоки.
За време на состанокот беа дискутирани две клучни теми:
– Промоција на домашните компании: Стопанската комора и нејзините членки и претставниците на „Бехтел ЕНКА“ се согласија и нагласија дека интеграцијата на локалните ресурси и експертиза е од голема важност за успешно завршување на проектот.
– Процеси на соработка: постапки за учество на домашните компании во тендерските постапки и процеси на набавки.
Се разговараше за процедурите за подобрување на комуникациите и на транспарентноста во рамките на овие процеси, како и за надминување на потенцијалните бариери.
Од „Бехтел ЕНКА“ објаснија дека со завршувањето на поголема експропријација ќе има повеќе работни фронтови и повеќе можности за домашните компании. Претставниците на Конзорциумот истакнаа дека се посветени на создавањето услови за ефектно вклучување на домашните компании, со што ќе се овозможи поттик за локалната економија.
Комората ја поздравува заложбата на Конзорциумот „Бехтел ЕНКА“, која ќе значи креирање простор за работа и зголемено учество на домашните компании, кое, пак, неизбежно ќе доведе до значителна економска придобивка.