Анализа: ТОП 5 највисоки и ТОП 5 најниски плати на буџетските корисници во 2025 година

Ставката плати и надоместоци во 2025 година ќе се зголеми за 8,1 насто, или за над 64 милиони евра, достигнувајќи 782,6 милиони евра. Дополнително, пари за плати се издвојуваат и преку блок-дотации. Во Предлог-буџетот за 2025 година може да се видат просечните бруто-плати на сите институции кои се корисници на овие пари. Порталот Пари направи анализа на тие податоци во која разгледува каде просечните плати се највисоки, а каде се најниски. За да бидат износите поблиски до народот, платите ќе ги сведеме од бруто-износ на нето-износ.

На првото место по плати е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Таму има 63 вработени, а просечната бруто-плата е 161.533 денари, односно во нето-износ, без данок и придонеси, на сметката на вработените во просек ќе легнат по 105.628 денари месечно.

На второ место е Совет на јавни обвинители. Таму има 16 вработени коишто може да се пофалат со просечна бруто-плата од 147.703 денари, или во нето-износ по 96.665 денари.

„Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија е самостоен државен орган што се стреми кон пополнување на празните јавнообвинителски места, одлучува за одговорноста во постапувањето на јавните обвинители и за нивно разрешување (…), унапредување на информатичко-комуникациските технологии и обезбедување интероперабилност меѓу Советот и јавните обвинителства, комплетно техничко опремување и интеграција на информатичките системи со замена на старата инфраструктура со нова и нејзина имплементација“, пишува во Предлог-буџетот за 2025 година.

На трето место е Влада на РСМ. Таму има 359 вработени, со просечни плати од бруто-износ по 137.226 денари, односно просекот што им легнува секој месец на сметка во нето-износ е 89.877 денари.

Според описот во Предлог-буџетот еве што работат таму вработените:

„Владата на Република Северна Македонија ја утврдува развојната и економската политика на земјата, му предлага мерки на Собранието и утврдува политики за извршување на законите и другите прописи и го следи нивното извршување, го координира процесот на стратешкото планирање на централно ниво и неговото усогласување со буџетскиот циклус, и врши други работи утврдени со закон“.

Четвртото место по висина на платите го освои Собранието. Таму има 431 вработен, во кои се и пратениците. Просечната бруто-плата е 134.078 денари, односно нето-просекот по вработен во 2025 година ќе биде 88.350 денари.

На петто место е Министерството за надворешни работи и надворешна трговија каде што работат 438 вработени заедно со вработените во странските амбасади и конзуларни претставништва. Тие во просек земаат по 130.654 денари во бруто-износ, односно по 85.618 денари во нето-износ.

ТОП 5 буџетски корисници по највисоки нето-плати во 2025 година

Но, немаат среќа да земаат вакви солидни плати сите буџетски корисници. Затоа, Пари анализира и кои 5 буџетски корисници се на опашката по просечни плати.

Во Управата за водење матични книги има 369 вработени, а таму просечната бруто-плата во 2025 година ќе биде 50.809 денари. Со нето-износ на просечна плата од 33.878 денари, оваа институција е на последно место по плата од корисниците на централниот буџет.

„Матичната евиденција претставува витална компонента во секое општество, а од неа се црпат сите податоци битни за општествениот, социјалниот и економскиот развој на земјата. Основна надлежност на Управата за водење на матичните книги, согласно со овој закон, е водење на матичните книги на родени, венчани и умрени, нивна заштита и чување, издавање изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги“, објаснето е во Предлог-буџетот.

На претпоследното место е Министерството за односи меѓу заедниците, со 290 вработени и просечна бруто-плата од 51.196 денари, односно во нето-износ 34.129 денари.

Едно од најбројните министерства, Министерството за социјална политика, демографија и млади, има 1.868 вработени со просечна бруто-плата од 53.684 денари, или во нето-износ 35.742 денари.

Во Државниот архив планираната бројка за наредната година е 266 работници. Тие ќе земаат просечна-бруто-плата по 54.237 денари, или без давачки, нето-износот е 36.099 денари.

Една подобра позиција во рангирањето на платите од дното кон врвот има Агенцијата за вработување. Таму бројот на вработени е 447, со просечна бруто-плата од 55.308 денари, или во нето-износ 36.793 денари.

ТОП 5 буџетски корисници по најниски нето-плати во 2025 година

Целата анализа на следниот линк: https://pari.com.mk/vo-ministerstvoto-za-energetika-prosecnata-neto-plata/

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи