Тутунски комбинат во Прилеп денеска започна со откуп на тутун на 20-тина пунктови во Прилеп и сите околни општини како и во Радовиш. До пладне имаше откупено некаде околу 3.5 тони, а до крајот на овој прв ден според директорот Александар Алексоски се очекувале да бидат откупени 5.5 тони по просечна цена од 375 денари за килограм. И годинава како и лани Тутунскиот комбинат очекувал да откупи околу 2 милиони килограми. Алексоски истакна дека не можеле директно да влијаат на покачување на цената, но потенцираше дека во моментов се водат преговори со откупувачите, но не можел да каже како ќе завршат.
„Денеска имавме борд на директори и донесена е одлука дека доколку дојде до покачување на цената на откупениот тутун во иднина, сите коперанти што предале тутун ретроградно ќе им биде исплатена разликата, така да во тој поглед сметам дека коперантите можат слободно во секој момент доколку се спремни да го донесат тутунот во откупните центри во Тутунски комбинат Прилеп. Во поглед на исплатата, веќе е договорено и дефинирано да се врши исплата на откупениот тутун 2 пати неделно, во вторник и во петок, што значи секој оној кој донесол тутун за 2, 3, до 4 дена максимум ќе си ги добие парите за предадениот тутун“, изјави Александар Алексоски, директор на ТКП.
Но тутунарите тактизираат и се уште не го носат тутунот за предавање во голем. Ретки се оние на пунктови кои предаваат по некој картон си тутун, но и тие очекуваат зголемување на цената. Велат дека никој не сака да работи земјоделие, особено тутунопроизводство со ниски цени.
„Прва класа е тутунот, супер е, очекувам нешто да поткренат во цените, барем да дојди до кај 500 денари за да бидеме задоволни. Си имаме претставници, тутунски здруженија, затоа ги плаќаме, да се борат. Не знам дали сте биле в поле да видите, освен пензионери млад човек нема. Не сакаат да работат, нивите се празни, никој не сака да работи земјоделие, готово, тоа е, нека мислат тие што се платени за тоа“, истакна еден тутунопроизводител од Прилеп.
Другите откупни центри низ целата држава ТКП планира да ги отвори до крајот на наредната недела.