Тутунарите тактизираат и не го предаваат тутунот иако веќе сите откупувачи во Македонија ги отворија пунктовите. Од Сојузот на тутунски здруженија бараат цената да не биде помала од 420 денари за килограм, а во моментов за прва класа таа е 375 денари. Исто така најавија дека исто како и лани бараат субвенциите да бидат 100 денари за килограм.
„Ние како Сојуз на тутунари не отстапуваме. До крај ќе бараме од компаниите да ја усогласат цената на 400 до 420 денари за килограм, со тоа што да го има заедничкиот интерес и откупувачите и коперантите, ако не дојде до промена на цената за оваа година прашање е догодина што ќе купуваат. За околу субвенциите се уште нема официјален одговор од Министертсвото за земјоделство, но и тука не отстапуваме од тие 100 денари субвенција“, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Ретки се оние на пунктови кои предаваат по некој картон си тутун, но и тие очекуваат зголемување на цената. Велат дека никој не сака да работи земјоделие, особено тутунопроизводство со ниски цени.
„Не знам дали сте биле в поле да видите, освен пензионери млад човек нема. Не сакаат да работат, нивите се празни, никој не сака да работи земјоделие, готово, тоа е, нека мислат тие што се платени за тоа“, истакна еден тутунопроизводител од Прилеп.
Од државниот Тутунски комбинат од Прилеп рекоа дека не можеле директно да влијаат на покачување на цената. Во моментов се воделе преговори откупувачи – тутунопроизводители, но не можеле да каже како ќе завршат.
„Доколку дојде до покачување на цената на откупениот тутун во иднина, сите коперанти што предале тутун ретроградно ќе им биде исплатена разликата, така да во тој поглед сметам дека коперантите можат слободно во секој момент доколку се спремни да го донесат тутунот во откупните центри“, изјави Александар Алексоски, директор на ТКП.
Според законот сите откупни центри низ држава треба да бидат отворени заклучно со 15 декември.