Храмот „Св. Петка“ со радост ве поканува на свечената духовна академија во чест на Св. Климент Охридски, патронот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Настанот ќе се одржи на 7 декември 2024 година, со почеток во 19:00 часот, во нашиот храм.
Овој величествен поетско-музички перформанс е дело на учениците од СОУ гимназија „Мирче Ацев“ од Прилеп, кои преку поетски и прозни рецитали и хорски музички изведби ќе го претстават ликот и делото на овој голем светител. Академијата е подготвена под менторство на професорот по македонски јазик и литература Дарко Ристески и професорката по музичка уметност Татјана Иваноска, во соработка со храмот „Св. Петка“.
Св. Климент Охридски, првиот словенски епископ и најистакнатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, претставува столб на духовноста, просветителството и културниот напредок на нашиот народ. Неговото дело продолжува да инспирира, а преку вакви настани имаме можност да го доближиме неговото наследство до новите генерации.
Храмот „Св. Петка“ ја продолжува својата мисија како духовен, културен и образовен центар, со особен акцент на младите како носители на иднината. Гордост ни е што соработуваме со гимназијата „Мирче Ацев“, а нашата цел е ваквите активности да ги прошириме со сите основни и средни училишта во нашиот град.
Сите љубители на духовноста, културата и уметноста се добредојдени да бидат дел од оваа свечена вечер, исполнета со духовна радост и сеќавање на еден од најголемите светилници на нашата вера и култура.
Ве очекуваме! Со почит, В.д. старешина на храм Св. Петка, Протоереј Љупче Петрески.