Во голема полициска акција на МВР утрово направен е претрес на повеќе места, а во врска со сомнежи за организиран криминал во Лотарија на Македонија. Меѓу останатите, направен е претрес и во домот на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој не беше пронајден таму.
Груби, против кого се води истрага и за друг случај и кој се најде на црната листа на САД, во моментот е во Косово, но како што напиша самиот на социјалните мрежи, не е во бегство и веднаш штом заврши со приватните обврски ќе се врати во државата.
„Денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување“, пишува Груби во објавата.
Извршен е претрес и во домот на поранешниот директор на Лотарија на Македонија, Прпарим Бајрами, кој исто така не бил во домот. За него постојат сомневања дека е пребеган уште пред неколку месеци во Косово. Неговите домашни дале ветување при претресот дека ќе се врати. Во неговиот дом пронајдена е поголема количина пари во готовина, повеќе од 50 илјади франци.
Екс директорот на Лотарија, Перпарим Бајрами уште лани беше обвинет од тогашната опозиција дека изнајмувал локал за 21.000 евра месечно од фирма чиј сопственик е член на Управниот одбор на Лотарија, Шабан Азмовски Хамза и тоа со договор на 10 години. И Бајрами и Хамза биле дел од кабинетот на Артан Груби во Министерството за политички систем.
Во ноќешната акција против мафијашките кланови, уапсени се околу 7 лица, кои биле припадници на кланови во Дуќанџик и Арачиново. Во акцијата се пронајдени поголема сума пари во готовина и оружје. Има индиции за уште сокриено оруже, за кое МВР има траги. Како резултат од оваа опсежна акција би требало да се расветлат барем 4 убиства меѓу клановите, познати во јавноста, велат од МВР.