„75 години Македонски код“ – јубилеен концерт на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“

Facebook
Twitter
Email
Print

„75 години Македонски код“ беше насловот на завршниот јубилеен концерт на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, што се одржа вчеравечер во Националната опера и балет. Ова патување низ македонската фолклорна традиција е кулминација на серијата јубилејни концерти што Ансамблот ги одржа низ годината, славејќи ја македонската култура и традиција.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, честитајќи им го јубилејот на сите вработени во Ансамблот, им се заблагодари за нивниот придонес во градењето на реномето на оваа институција, која е национален бренд и е гордост на македонската култура.

„Низ својата културна мисија низ децениите, „Танец“, кој го носи епитетот најстар и единствен државен ансамбл од ваков вид, прерасна во достоен репрезент на најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ. Изведувајќи ги „Тешкото“, „Невестинското“, „Комитското“ и другите македонски фолклорни бисери на многубројните настапи на концертни сцени во светот, „Танец“ одигра историска мисија, покажа и докажа дека Македонија со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет“, рече Љутков.

Тој изрази уверување дека и во иднина „Танец“ ќе биде врвен промотор на Македонија, преку кој, како што рече, ќе ја прославуваме македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина.

Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949 година во Скопје и веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската култура и традиција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи