Малкумина знаат дека во Прилеп веќе 22 години функционира Центарот за ментално здравје при ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, кој што се наоѓа во бараките во кругот на старата Итна помош. 22 години овој Центар е една успешна приказна која им помогнала на илјaдници наши сограѓни во решавање на проблемите и психичките болести и состојби кои што ги имале. Поразговаравме со двајца граѓани кои тука доѓаат 2 децении и кои велат дека ако не бил Центарот можеби немало да бидат живи. Тие сега не се хоспитализирани и по добиената терапија можат нормално да функцинираат во општеството, дел дури и да работат.
„Самиот доброволно дојдов во Центарот, има редовно доктор, ми даваат таблети и јас сум задоволен, бидејќи 5 дена во Центарот има одредени активности, не е целта само апчиња да пиеш, инекции и да спиеш. Овој Центар мене многу ми помогна, бидејќи со болеста 2 до 3 пати во годината имав криза, таа криза исчезна, ми се продолжи животот и можеме да функционираме во надворешната средина, бидејќи ние сме со деца и мора да им помагаме“, вели еден од посетителите на овој Центар.
„Центарот многу помага на нас луѓето што сме моментално вака и луѓе што знам и познавам не идат, се срамат, не знам што е причината. Ние идиме овде од основањето на Центаров и многу сме задоволни, голема заслуга имаат тие што не одржуваат во живот, ако не е Центаров овде ќе скапуваме во Демир Хисар“, додаде друг пациент кој го посетува Центарот.
Центарот помага за намалување на бројот на хоспитализации, државата заштедува на болничко лекување на пациентите, а се намалува и стигмата која постои кон овие лица во општеството. Светски тренд е деинституционализација на установите како психијатриската болница во Демир Хисар и што е можно повеќе отворањето на вакви центри, кои за жал кај нас се бројат на прсти.
„Проблемот лежи во неотворање на вакви центри низ Македонија, најмногу во административни пречки, немање слух за потребата пред се на нашите пациенти, односно корисници, бидејќи се психијатриски пациенти, стигматизацијата на пациентите, отпорот на населението и неразбирањето на луѓето со пречки во менталното здравје“, истакна д-р Кире Стојаноски психијатар и раководител на овој Центар.
Во моментов Центарот го посетуваат околу 160 лица од Прилеп и околината и тој функционира како дневна болница.