Во последниот викенд од месец декември, петок и сабота (27-28.12.2024 година), во Прилеп, во организација на Винтер Априкотс, ќе се одржи мал новогодишен саем на книгата. Домаќин ќе биде кафе-галерија „Лувр“, симпатичен урбан простор со проверено пријатна културна атмосфера и уметнички амбиент.
„Лувр веќе стана место кое ги отвора вратите и ги собира прилепчани за најразлични културни настани и случувања, а со тоа си направи и еден круг на пријатели кои знаат да го ценат тој срдечен однос и пристап. Освен можноста за збогатување на вашите домашни библиотеки со уште некој наслов, како за возрасните така и за најмладите, ова е добра шанса да се преброиме, да испиеме понекоја пијачка, подобро да се запознаеме меѓусебно, да разговараме за она што нѐ засега и заедно да се бориме против културната ерозија во нашиот град.
Качете се на возот заедно да го прошириме кругот на културни ентузијасти, враќајќи ги вистинските вредности на пиедесталот и спречувајќи ја ерозијата која нѐ демне. Во време на предновогодишни забави, ова е нашиот одговор на истите. Придружете ни се да ја направиме нашата во наш стил“, велат организаторите.