Денеска е Бадник, ден пред еден од најголемите празници во христијанството – Рождеството Христово Божик. Денеска се прават последните подготовки на верниците кои со радост се во исчекување на овој радосен момент и средбата со Витлеемскиот Богомладенец. Самиот збор Бадник има црковнословенско потекло и значи да се биде буден, односно да се бдее.
„Така повикуваме овој ден и престојната бадникова ноќ да ги поминеме будни, се мисли на духовно будни, за да можеме достоинствено да го пречекаме важниот гостин и преку причесната да се соединиме со богомладенецот, па така нашите срца, нашите души и нашите домови да станат вистинска витлеемска пештера, во која ќе обитава блаженствената благодет“, рече отец Љупче Петрески, в.д. намесник на храм Света Петка.
Овој ден во Прилеп се одбележува со голем број обичаи и настани. Прво рано наутро со традиционалната македонска коледарска песна „Коледица Варварица“ коледарчињата затропаа на вратите од куќите, најавувајќи го Христовото раѓање, а од домаќините беа дарувани, со костења, ореви, овошје, но и по некое париче.
„Шетаме низ малово и собираме костенчиња.
Секоја година шетате?
Ова ни е прв пат.
И како шетате, тропате со коледачките?
Да.
Која песна ја пеете?
Коледе, коледе“, вели едно од коледарчњата.
„Ни кажуваат како треба да одиме по куќите, ни ги кажуваа песничките, не учеа.
Тебе интересно ти е вака со другарчињата кога шетате за овој ден?
Да, интересно е, шетаме.“, додаде друго од децата.
Прилепските домаќинки велат дека традицијата во Прилеп се пчочитува со векови и дека таа никогаш нема да запре, затоа што истата се пренесува од колено на колено и се почитува подеднакво од сите генерации.
„Како од старо што правеле, се коледа, се пали оган, се оди по куќи, им даваме на децата костенчиња, сакаме да ја задржиме традиција, како секогаш, така и сега.
Колку се одржува кај нас традицијата?
Досега ја почитуваме, не сме оставиле, како од старите, од баби, дедовци, така и ние продолживме“, рече Васка Илиоска, житека на Прилеп.
„Ова ни е најрадосниот ден, дечињата ни се златни и тие ни го претскажуваат раѓањето христово на овој ден, ние домаќинките се припремаме со посна трпеза, сарма, грав, кора со оривче, палачинки, овошје, се на маса што треба, така да масата не се раскрева откако ќе се вечера, си го храниме Господ да ни дојди на вечера.
Дечињата шетаат од куќа до куќа?
Дечињата шетаат, само сега помалку ги имаме, инаку шетаат“, кажа Бисера Петроска, жителка на Прилеп.
Годинава повторно по 15-ти пат се одржаа и Бадниковите поворки. Оваа година во Прилеп бројот на дечиња кои учествуваат во нив е најголем досега и според организаторите на овој настан тој изнесува 300 дечиња. Организаторите се надеваат дека од година во година бројката ќе се зголемува и ќе биде се помасовно и помасовно.
„Песнички кои се пејат за време на поворките се „Вечниот Бог“, тропарот и кондак на Рождество Христово. Во самата поворка ја пееме само „Вечниот Бог“, а на бината сите 3 песни. По завршувањето и собирањето тука со децата одиме со поворка низ старата чаршија, до домот за култура и се враќаме тука повторно каде имаме обраќање на градоначалникот на Општина Прилеп и од нас координаторите на настанот. И потоа имаме делење на пакетчиња за децата кои работеа вредно и идеа на сите проби и се трудеа за се. Целта на Бадниковите поворки е да ја доближиме древната традиција која што се случувала пред многу години, а сега се возобновува еве по 15 пат, значи да се пеат христијански православни песни, каланди кои што се поврзани со нашата православна религија“, истакна Катерина Левковска, координатор на настанот.
Од друга страна пак веќе 20 години прилепските домаќинки од здружението „Преродба“ се верни чувари на нашата традиција. Веќе 2 децении по ред секоја година за овој ден ја подготвуваат посната Бадникова трпеза и ни раскажаа за големиот број обичаи поврзани со овој ден во Прилеп.
„Денес е Бадник, семејството се собира на фамилијарна вечера и го сметаме како семејна слава, бидејќи целото семејство се собираме на посна вечера, на која имаме гравче, сарма, ореви, овошје, секако костени и други посни работи како баклава. Бадник е последниот ден на божиоќните пости, утре е Божиќ, Христовото раѓање кое со радост ќе го пречекаме, како во семејството, така и во фамилијата, па и пошироко, меѓу роднините и пријателите. Се одржува, и ние како здружение со воие наши активности сакаме да пренесеме и на младите генерации да задржат барем дел, да ја задржат суштината што го имаме ние како народ, по она што ние сме препознатливи“, изјави Лилјана Ѓорѓиевска, претседателка на Здружение „Преродба“.
„Сабајле си ги пречекуваме коледарчињата, ни тропаат на вратата, ни ги пеат бадниковите песнички и ние со радост излегуваме и им даваме оревчиња, костенчиња, бидејќи тоа е традиционално што треба да го одостоиме. Инаку сите го почитуваат овој празник, Бадник, бидејќи со голема радост го дочекуваме утрешниот ден, Божиќ, Христовото раѓање.
Што се подготвува на Бадниковата трпеза?
Претежно, бидејќи е последен ден од постите, се е посно, гравче, сармичка, овошје, бадниково мазниче, некој со гравче го прави, некој со варен ориз“, додаде Паце Грижоска, членка на здружение „Преродба“.
На овој ден втора година по ред во црквата Света Петка во Прилеп се одржува Божикниот награден ликовен и литературен конкурс на тема „Рождество Христово Божик во нашиот дом“. Годинава за разлика од лани бројот на творби кои пристигнале од децата кои учествуваат, од сите основни училишта, е околу 500, што е двојно повеќе за разлика од лани.
„Кандидатите, учесниците од основните училишта во Прилеп се поделени во 2 категории, од 1 до 5 одделение и категорија за поголеми од 6 до 9 одделение. Творбите ги оценува жири комисија, стручно жири, составена од 2 наставници по македонски јазик и 2 наставници по ликовно образование во средните и основните училишта. Секој од селектираните, од наградените, од пофалените ученици, впрочем сите учесници ќе добијат награда, како пофалница, икона, библија за млади, а за наградените учесници храмот обезбеди богати награди со поддршка од одредени фирми и семејства од Прилеп, кои го препознаа овој проект“, додаде Петрески.
Наставниците кои се дел од Комисијата за селекција за овој настан се презадоволни од творбите кои го подигнале својот квалитет за разлика од минатата година, а децата се повеќе се запознаваат со празникот Божик и Рождеството Христово.
„Децата да го оправдаат она што сака црквата да го каже, значењето на Божиќ, значењето на Бадник, верата и семејството како основна клетка во општеството. Тие напишале толку убави состави и свативме сите ние, зборувам во име на комисијата, колку децата умешно успеале да допрат до се она што се бара од нив. Ја сватиле пораката дека семејството како клетка на општеството е најјаката нишка во едно општество, бидејќи семејството е тоа од каде извираат нашата вера, традиција и да го ставиме тука и јазикот“, изјави Павлина Зафироска Чочкова, пензиониран наставник по македонски јазик, дел од Комисијата за селекција.
„Ни создаде една мала главоболка, позитивна во секој случај, затоа што имаше многу заинтересирани кандидати, многу цртежи, многу успешни цртежи. Врз база на сето тоа се направи една извесна селекција, знаете секогаш кога има некаков конкурс имате ситуација кога се најдувате во незгодна прилика да треба да се направи извесна селекција, да се направи избор на најдобри, извор за пофалени, избор за изложени дела и заради таа причина направивме една извесна селекција со која ги издвоивме најдобрите од добрите“, истакна Александар Џинго, уметник и член на Комисијата за оценување.
Годинава дел од овој настан беа и учениците од III 3 одделение од ООУ „Блаже Конески“ кои по втор пат за овој ден подготвија прекрасни црковни мелодии. Годинава тоа беа песните „Тивка ноќ“ и „Вечниот Бог“ за кои снимија и видео спотови.
„За време на воннаставните активности, ние со нашата наставничка Весна Арсиќ работиме на голем број проекти и работилници, по разни поводи, основи, или образовни“, изјави Андреј Златески, учесник на настанот.
„Создаваме дела видеа, ги прикачуваме на нашиот Јутуб канал, дела кои ќе не потсетат на нашето детство, на нашите школски денови“, вели Стефан Стојчески, учесник на настанот.
„Така настанаа и овие видеа, овие дела, снимањата на песните „Тивка ноќ“ и „Вечниот Бог“, рече Бојан Сливјаноски, учесник на настанот.
„Минатата година работевме на проект за Христовото воскресение“, истакна Дариа Чадамова, учесник на настанот.
„Оваа година заедно со нашата наставничка решивме да направиме проект за Христовото раѓање, малку поразличен од останатите“, вели Георги Митрикески, учесник на настанот.
„Различно е тоа што заедно со нас пееше и црковниот хор „Св. Петка“, а не придружуваа на инстирументи и врвни музичари“, рече Петар Ангелески, учесник на настанот.
„Работевме околу 15 дена, учевме и вежбавме пеење. Училницата ечеше, ние бевме среќни и радосни“, истакна Стефан Афремоски, учесник на настанот.
„Сите се трудевме, си помагавме и се поддржувавме“, вели Татјана Јанкулоска, учесник на настанот.
„Пред нас е нов предизвик, ново доживување, ново искуство“, додаде Ања Ѓорѓиевска, учесник на настанот.
„Некогаш ни е тешко да ја следиме нашата наставничка со проектите, но знаеме дека таа тоа го прави за наше добро, се за нас, со цел да се развиваме во секој сегмент низ воспитно-образовниот процес“, кажа Адријан Шошески, учесник на настанот.
„Но ние не застануваме тука, продолжуваме со нови предизвици во новата 2025 година. Христос се роди, навистина се роди! За многу години!“, рече Матеја Грижоска, учесник на настанот.
Амбициите и целта е овој настан да стане традиционален и од година во година да расте и по квалитет и по квантитет и што е можно повеќе млади да бидат вклучени во него.