На денешен ден 09.01.2023 година не напушти Илија Велкоски – Ѕаната, историчар и Претседател на Општинската организација на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи – Прилеп. Зад себе остави неизбришливи траги во повеќе сфери на општественото живеење, особено, во делот на културата, каде извршуваше раководни функции во прилепските културни установи.
Преку едно интервју и 2 прилози кои Инфо Компас ги сними со него денеска се потсетуваме на неговите ставови кои и денес се актуелни за тоа дека Македонците не се измислени од Тито, дека Бугарите не се администратори туку наши поробувачи, а сега сакаат да скријат дека биле фашисти. За тоа дека партизаните и тоа како знаеле за што се борат и дека ултиматумот на Бугарија е крајно дрзок, па се до тоа дека Македонија никогаш не добила пристоен предлог од ЕУ.
Според Велкоски Македонија никогаш не добила пристоен предлог од ЕУ, започнувајќи уште во 92 година со Лисабонската декларација и нашето именување во ФИРОМ, преку 2018 и промената на името, па се до најновиот француски предллог, но за жал Македонија мора да преговара затоа штом освен Европа ние немаме друга алтернатива.
Историчарот Илија Велкоски од Прилеп вели дека на 11 Октомври започнува револуцијата против фашизмот, за борба за слобода, за борба за независност, за борба за создавање сопствена држава. Според него партизаните во НОБ оделе со континуитетот на старите борци од Илинденскиот период. Партизаните во 1941 до 1944 година многу добро биле свесни зошто се борат. Сите биле млади луѓе, со голема енергија и свест и оделе за сопствен идентитет, за сопствена држава. Последнит ултиматум на Бугарија го оценува како дрзок и вели дека таа нема право да ја негира нашата историја и јазик. Според Велкоски сето ова го правела за да се заборави нејзиното фашистичко минато.
„Бугарите во суштина сакаат да се прикажат како ослободители на Македонија, меѓутоа тие се поробители. Во суштина целата работа на тој меморандум е да се скрие фашистичкиот однос на Бугарите, или фашизмот во Бугарија. Тие тоа сакаат да го скријат и во нашите учебници по историја да се избрише. Не може да се бриши историјата, тоа се факти!“, рече Велкоски.
Погледнете го видеото.