По 4 пат се одржа настанот „На Василица во Прилеп“, среќниот пронаоѓач на паричката се уште се нема пријавено


Четврта година по ред во Прилеп за празникот посветен на Свети Василиј или кај народот познат уште и како Православна Нова година или Василица на платото кај Градскиот саат се одржа настанот „На Василица во Прилеп“, каде Општина Прилеп и неколку општествено одговорни пекари од градот на прилепчани им поделија над 600 парчиња бурек, а во еден од нив според традицијата имаше ставео паричка. Но до овој момент среќниот пронаоѓач на паричката се нема пријавено, се очекува истото да го направи до крајот на денот. За него е подготвена пригодна награда.

„Како претседателка на Советот на Општина Прилеп да пренесам порака до нашите граѓани да доминира љубовта и доброто затоа што тоа секогаш го победува злото, така што се надевам дека овој ден сите ќе го празнуваме во мир и на среќниот добитник ќе му честитаме и ќе му посакаме мир во семејството и секако просперитетна година на Општина Прилеп“, истакна Ирена Стерјоска Локвенец, претседателка на Совет на Општина Прилеп.

Инаку според традиција во Прилеп на овој ден семејството се собира за ручек каде што се врти бурек или мазник со паричка и се верува дека оној што ќе ја пронајде паричката ќе има успешна и бериќетна година.

„Од време нашето семејство на овој ден за ручек се собираме, тоа е Нова Година по Јулијанскиот каландар, Православна Нова Година. И сега ќе одиме и ние да припремаме кори, сега е помодерно се купуваат готови, се дели на повеќе парчиња колку што има во семејството луѓе, се остава за Господ и домот“, рече еден граѓанин.

 

„Ние сме двајца дома, сами си вртиме, децата не ни се дома“, рече друга граѓанка.

 

„Традицијата е многу убава, секогаш се дружиме на овој ден на овој празник, на тој што ќе му се падни паричката ќе има среќна година“, додаде друг граѓанин.

 

„Јас сум од Велешко и кај нас се врти за Бадник, затоа традицијата вика ќе го најдеш паричето на Бадник. Оваа традиција не ми е позната, јас сега прв пат идам тука“, истакна друг посетител на настанот.

Овој настан е еден уникатните брендови на Прилеп кој доколку добро се промовира има перспектива да прерасне во голем туристички бренд кој што ќе привлекува гости и од други градови на Македонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи