Околу 200 верници денеска по традиционален 5-ти пат за празникот Богојавление или Водици влегоа во водите на замрнатото Плетварско езеро. Ова е уникатно одбележување на овој ден и единствено од цела Македонија го има само тука. Наместо скокање и фрлање по Светиот крст тука секој верник кој што сака да биде дел од настанот, по осветувањето на водата од страна свештеникот влегува во длабнатина во замрзнатото езеро која што во мразот е направена во форма на крст.
„За време на короната кога сите моравме да ги почитуваме тие мерки на претпазливост, група на млади ентузијасти спортисти, затоа што тогаш беше забрането да се влегува по светиот крст, одлучивме на малку поразличен начин да го одбележиме тоа. Тогаш бевме 8 мина и одлучивме тука да ја започнеме ова се со цел да се зачува и да нема прекин во нашата традиција за одбележување на овој голем ден Богојавление за нас православните христијани“, рече Дарко Неданоски, организатор на настанот.
Гопдинава освен од Прилеп имаше учесници и од Скопје, Велес и Битола. Најмалиот учесник што влезе во езерото имаше само 2,5 години Јана Божиноска, а најстариот 70. Прво во водата влегуваат децата, па на крајот возрасните.
„Јас имам 4 години и тука дојдов со тато за да се капам во езерото“, кажа Антониј Дојчиноски, учесник на настанот.
Секоја година настанот има и свои домаќини кои се дел од организација и за сите присутни верници обезбедуваат топли напитоци, чај, греано вино и ракија, а за сите кои влегуваат во осветените води маичка и дрвен крст. Настанот е и од хуманитарен карактер, парите донирани во кутиите и купените свеќи се наменети за операција за 5 годишно дете.
„Настанот е од хуманитарен карактер се работи за девојче од 5 години на кое му е потребно лекување во странство. Имаме обезбедено ракија, чај, вино, овошје и благо за присутните“, изјави Александар Најдоски, домаќин за оваа година.
„Направивме голем крст тука со наши донации, направивме и мал параклис, сега се планира изградба на поголем се со цел да заживее ова место“, додаде Бојан Минчески, домаќин за оваа година.
„Навистина чувството е прекрасно да се де биде дел од еден ваков настан и домаќин на овој ден“, вели Стево Димоски, домаќин за оваа година.
Организаторите планираат на ова место да се изгради и мал параклис и во иднина тука да се одржува едно по главните одбележувања на Водици во Македонија.