Здружението Центар за развој и едукација-Прилеп заедно со претставници од Министерството за социјална политика, демографија и млади, директорот на Центар за социјална работа од Прилеп и градоначалници од општините Кривогаштани, Градско, Прилеп и Долнени остварија студиска посета во Република Австрија каде што се запознаа со иновативни пристапи и добри практики во областа на социјалните услуги. Посетата беше организирана во рамките на проектот ТРАНСАКТ – трансформирање на глобалните социјални предизвици во реални локални активности од страна на партнер организациите од Австрија под водство на Регио 3 Тирол и Аташе Харалд Фугер со цел размена на искуства и унапредување на услугите што се нудат во нашата заедница.
За време на посетатa се остварија средби со експерти од областа, се посетија установи кои нудат современи социјални услуги, а посебен акцент беше ставен на услугата медицинска сестра во заедница и услугите за стари лица. Беше посетена организацијата “Haus. St. Klara” каде се даваат услуги за стари лица, жени и деца во социјален ризик, палејативна грижа и примарна медицинска нега, дневниот Центар за стари лица кој обезбедува програмски активности за активно стареење за над 50 корисници дневно. Се оствари посета на Kleinstadtbiotop Vockalbruck која е реновирана стара зграда што денес нуди социјални услуги, промоција на мали трговци и простор за граѓаните од општината и регионот.
Offenes Kunst, Kultuthaus Vockalbruck – претходно болница која денес е место за социјални и културни иновации. Во Loigom hoit zomm – Leogang Sozial се запознавме со проектот Медицинска сестра во заедницата спроведуван од “Saalachtal & Leogang” и разговараме за придобивките кои ги носи оваа услуга.
Во Китцбуел ја посетивме институцијата Seniors residence Kitzbuhel – дом за стари лица со дваесет и четири часа поддршка за живеење и дневен центар за стари лица со активно стареење. Посетата ја завршивме со посета на регионалното социјално Министерство на провинцијата Тирол каде се запознавме со организациската поставеност на институциите и здруженијата – даватели на социјални услуги.
Оваа посета е дел од напорите за подобрување на социјалните услуги кај нас преку учење од европските искуства и нивна адаптација во наш, локален и регионален контекст. Очекуваме дека стекнатите знаења и примери на добри практики ќе придонесат за развој на поквалитетни и поефикасни социјални услуги во нашите заедници.
*Проектот ТРАНСАКТ е поддржан од Австриското Сојузно Министерство за социјални политики, здравство, нега и заштита на потрошувачи