Осумте вработени во „Царинскиот терминал“ од Прилеп кој што е под капата на ЈКП „Комуналец“ денеска излегоа на штрајк затоа што немаат земено плата 6 месеци. Бараат итна исплата на барем 4 плати, за да имаат законска можност да добијат и здравствено осигурување. Вчера им била исплатена една плата, но тие велат дека тоа било премaлку и невозможно било понатаму да издржат, особено без здравствено осигурување.

„Седум месеци без личен доход да се живее е многу тешко, одработени, без здравство, а сите сме возрасни, сите сме над 50 години, сите сме на редовни терапии, многу е тешко се си плаќаме приватно“, вели Валентина Сотироска, вработена во Терминалот.
„Се донесе одлука на Управен одбор за да се доделат одредени средства за да започне полека да се решава овој проблем со Терминалот, но тие обврски досега не се исполнети, значи затоа и ние како синдикат апелираме до надлежните институции да се реши најитно овој проблем“, додаде Пеце Игески, претседател на синдикатот на ЈКП „Комуналец“ при СУТКОЗ.
Вработените велат дека терминалот бил финансиски ликвиден и дека имало пари за да се даваат пари. Порачаа и тоа дека ако се затвори терминалот ќе изгубел не само „Комуналец“ туку и целиот бизнис сектор во Прилеп.
„Сметам дека во моментов Терминалот вади пари за да се покријат 8 вработени, проблемот е во тоа што што ветувањата на надлежните не се исполнуваат, наш основач е Комуналец, а должностите и обврските на основачот се многу јасни. Добивката ја зема основачот и загубата ја покрива основачот. Што значи години се повлекувале пари од тука, а сега се измислува дека нема“, истакна Зоран Стеваноски, вработен во „Царински терминал“- Прилеп.
„Правиме огромни загуби како ние како вработени, така и шпедиции има тука и цариници, голем круг на луѓе се инволвирани и има огромна штета. Фирмите ќе ни избегаат нема да може после да ги вратиме. Камионите од денеска се пренасочени во Битола, 15 камиони и 5 камиони во Кавадарци. И ние во иднина ако продолжиме вака ќе губиме и ние и стопанството и сите граѓани на Прилеп“, изјави Злате Ѓорѓиоски, вработен во „Царински терминал“- Прилеп.
Од ЈКП „Комуналец“ велат дека пред неколку недели бил наместен нов управител на Терминалот за да може законски да се исплаќаат платите и дека било во тек решавањето на овој долгогодишен проблем со овој правен субјект чиј основач е „Комуналец“.