Општина Прилеп е дел од проектот за Техничка помош за развој на планови за одржлива урбана мобилност (SUMP – Sustainable Urban Mobility Plan), кој се спроведува во пет општини во рамките на Проектот за поврзување на локалните патишта. Проектот се реализира преку Министерството за транспорт, а е финансиски поддржан од Светска банка.
Развојот на Планот за одржлива урбана мобилност има за цел да создаде подобри услови за движење во градот, да ја зголеми безбедноста во сообраќајот, да го намали загадувањето и да ја подобри квалитетот на животот на граѓаните. Преку овој план ќе се работи на:
- Подобрување на патната инфраструктура
- Поддршка на алтернативни начини на транспорт (пешачење, велосипедизам, јавен превоз)
- Намалување на емисиите на штетни гасови
- Оптимизација на сообраќајниот проток
- Усогласеност со европските стратегии

Изработката на овој план се базира на Упатствата за урбана мобилност SUMPs и е усогласена со Стратегијата за паметна одржлива мобилност на ЕУ, која има за цел создавање на климатски неутрални градови до 2030 година.
Веќе се одржани неколку состаноци, како во Прилеп, така и онлајн, каде што членовите на комитетот ги анализираат моменталните состојби и ги дефинираат приоритетите.
Во голем дел е завршена фазата на прибирање на податоци, која е клучна за понатамошното моделирање на решенијата за урбана мобилност.
Процесот на изработка на Планот за одржлива урбана мобилност е партиципативен, што значи дека сите граѓани, компании, здруженија и институции кои се засегнати од урбаниот транспорт можат да дадат свој придонес.
„Оваа дебата е одлична можност за запознавање со процесот на изработка на планот, споделување на предлози и идеи за подобрување на сообраќајот во градот, вклучување на локалната заедница во создавање на одржливи решенија. Следете ги нашите објави за детали за јавната дебата“, велат од Општина Прилеп.