Владата не ја донесе одлуката за ограничување на маржите на 10% во трговијата на мало и големо што требаше да важи до 30 април и да опфати над 100 групи производи откако Стопанската комора на трговци на големо и мало вчера побара итна средба во врска со одлуката за ограничување на маржите.
Предлог-одлуката подготвена од Министерството за економија, според најавите, требаше да биде разгледана на итна седница.

По порастот на цените на основните прехранбени производи и граѓанските бојкоти, Владата во вторникот го задолжи Министерството за економија и труд да донесе одлука до ограничување на маржата во трговија на мало од 10%, а иста маржа да важи и за на трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Донесувањето на ваква одлука од страна на владата беше најавена по извештајот од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало е утврдено дека има над 20% маржа на основните прехранбени производи и над 30% маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50%.
Од комора на трговци на големо и мало посочија дека ваквата одлука ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, но и да ги затвораат маркетите. Според нив, штетите ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4 700 вработени.