Околу 40 милиони евра легнаа на сметките на тутунарите со исплатата на субвенциите за реколта 2024-та. Министерот за земјоделство кој денеска го посети Прилеп истакна дека Владата и понатаму ќе ја поддржувала оваа стратешка гранка. Досега имале исплатено 8 милијарди денари заостанати и тековни субвенции во сите области.
„Веќе во текот на вчерашниот ден ги исплативме субвенциите за реколта 2024, станува збор за 40 милиони евра кои легнаа на сметките на 14.500 тутунопроизводители од цела држава. Ова е една рекордна исплата на субвенција по однос на произведен килограм тутун. Знаете дека и самата реколта тежеше 24 милиони килограми што е рекордно зголемување, речиси двојно од минатата година. Оваа исплата и оваа сезона покажа дека она што го ветивме во предизборието го остваривме, а тоа е дека ќе работиме да го вреднуваме трудот на македонскиот земјоделец и дека субвенции ќе се исплаќаат редовно и дека ќе продолжиме со поткрепа на овој сектор бидејќи е еден од важните сектори во нашата држава. Сакаме овој сектор да остане и не само да остане туку и да се прошири во квантитет. Се надевам дека ова е доволен стимул за тутунопроизводителите да го зголемат своето производство, а ние како држава остануваме да го работиме тоа што е наша обврска, да го штитиме нивниот труд. Можам слободно да кажам дека се исплатени 8 милијарди денари по однос на заостанати и тековни исплати на субвенции кои легнале на сметките на земјоделците од сите групи на производители и ова е само уште еден показател дека навистина кога се вреднува трудот на земјоделецот сме на вистинската патека да ја вратиме довербата на земјоделците спрема Владата и спрема институциите“, рече Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
Ристо Џамбазов од Прилеп лани имал засадено 25 декари со тутун, годинава планира да ги засади истите површини и очекува подобар род од лани.
„Лани имавме насадено со мојата фамилија околу 25 декари и приносот беше околу 5 тони. А за идната сезоната планираме исто така да биди и со Господ напред очекуваме поголем принос“, рече Ристо Џамбазов, тутунопроизводител од Прилеп.
Според Сојузот на тутунски здруженија се зголемула интересот за тутунот кај нас, а тоа го покажувале зголемениот број на договори и површини за разлика од лани.
„Зголемено е производството, односно површините и бројот на договори, со тоа е зголемено и самото производство. Склучени се 33.000 договори за 14.300 хектари со планирано производтсво за 27 милиони килограми. Ова е показател дека оваа култура е посакувана за македонскиот тутунопроизводител“, рече Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија.
Инаку годинава тутунарите бараа 510 денари за прва класа, а од откупувачите добија само 420 денари. Дали ќе има зголемување со анекси на договорите ќе се знае до крајот на годината.