Премиерот Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека без вклучување на македонски претставник во бугарскиот Комитет за малцинства, нема да има уставни измени во Македонија.
„Не знам дали сте знаеле, ама во Бугарија има Комитет за малцинства во кој членуваат претставници на Роми, Турци, Ерменци. А ние Македонците, кои имаме 14 пресуди во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, не заслуживме место во тој комитет, а тие заслужија место во нашата Преамбула. Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој комитет, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер“, порача Мицкоски.
Тој повторно нагласи дека предизвикот со уставните измени односно вклучувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот бил резултат на прифаќањето на Францускиот предлог од страна на претходната влада и дека моментално се работи на надминување на овој предизвик.
„Како влада кога го имате ова пред вас, седнувате и правите стратегија, и велите дали во оваа игра сме за да се најдеме на стартната рамнина или да ја завршиме трката. Ако гледате државнички и пошироко, тогаш ќе речете што добиваат граѓаните и државата, имајќи предвид дека министерот за надворешни работи на нашиот источен сосед кажа дека ова е само почеток, а не е крај на барањата, ќе видиме што ќе се случува понатаму. Кога го имате овој факт, тогаш логично е да креирате стратегија за понатаму и како влада креираме стратегија за понатаму“, рече премиерот Мицкоски.
Осврнувајќи се на извештајот на специјалниот известувач на ЕУ за Северна Македонија, кој на 4 јуни ќе биде предмет на расправа во Европскиот парламент, Мицкоски посочи дека се работи за историски значаен документ. Тој ја повика опозицијата да лобира заедно со владата кај европратениците за да се изгласа извештајот за земјава, кој вклучува засебен многувековен македонски идентитет поврзан со нацијата и со македонскиот јазик.
„Во овој извештај стои дека имаме посебен македонски идентитет различен од нивниот, не после 1945 туку векови претходно и македонски јазик, и ако не е тоа проблем, еве европските пратеници имаат прилика и таму се гласа со мнозинство, не едногласно и затоа барам од опозицијата кои се дел од одредени политички семејства кои имаат европратеници да лобираат во насока да се прифати“, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека извештајот не говори за територијална дефиниција на идентитетот, туку за национална припадност која го надминува концептот на државни граници, со што, според него, се потврдува дека „Македонци има насекаде во светот“.