Крушево е помеѓу топ 5 дестинации во светот за параглајдерство и змајарство. Секоја година овој град го посетува буквално целата светска елита од овие спортови. Годишно тука доаѓаат илјадници параглајдеристи од сите континенти за да уживаат во прекрасната термика и природа.

Голем број европски земји секоја година поради одличните услови тука ги одржуваат своите државни првенства во параглајдерство. Се одржуваат Светски и Европски купови и првенства како во параглајдерство така и змајарство.
Полетувалиштето на „Мечкин Камен“ ги задоволува сите потребни критериуми за овој спорт. Овие летачки спортови се главниот мотор на туристичиот сектор особено во лето кога целиот град е преполн со пилоти.
Тогаш е резервиран голем дел од капацитетот на хотелите, но и приватното сместување. Небото над Крушево со месеци е „сардисано“ од овие спортисти.
За да се привлечат уште повеќе вакви спортисти и развој на овој вид алтернативен туризам се направија повеќе инвестиции на Мечки Камен. Целосно се реконструираше и прошири патот до полетувалиштето. Се зголеми стартниот терен за полетување и се постели со нова вештачка трева.
Се изградија два паркинг простори за автомобили и автобуси кои ги носат спортистите и туристите. Се прават напори и за изградба на уште еден алтернативен старт кај месноста „Црн врв“.
Со тоа ќе се привлечат уште повеќе како професионални така и аматерски љубители на овој спорт од целиот свет.
За посетителите се нуди и тандем летање. Крушево светско, а наше! Гордоста на Македонија за развој на параглајдерството!